Правилата за влез во Грција што предвидуваат задолжителен PLF формулар и една од трите опции: сертификат за вакцинација или негативен ПЦР тест или потврда за прележан Ковид-19, продолжени се за уште една седмица и важат до 14 јуни 2021 година, а Македонија и понатаму е меѓу земјите за кои постои исклучок од забраната за патување во Грција за државјани на трети земји, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерската одлука веќе е објавена во Службен весник на Грција, стапува во сила утре, во 6 часот наутро, а воведени се неколку промени, кои во петокот ги соопшти заменик-министерот за цивилна заштита Никос Хардаљас.

Негативниот ПЦР тест за влез во Грција, наместо од петгодишна возраст, задолжителен е за сите со наполнети шест години, 14-дневната изолација на позитивните случаи се заменува со десетдневна или со седумдневна доколку се работи за лице кое е веќе вакцинирано, а на листата земји за кои е дозволен влез во Грција додадена е Црна Гора.

Паралелно, истите правила и рестрикции што важат и за грчките државјани, важат и за странските туристи, како што се задолжителна употреба на маска и на отворено и на затворено, забрана за движење по 00.30 часот, поради полицискиот час, задолжително одржување дистанца итн.

Кон Северна Македонија отворен е само граничниот премин Евзони (Богородица) со работно време од 7 до 23 часот по локално, односно 6 до 22 часот по македонско време.

Во посебен член од министерската одлука, детално се опишани предусловите и неопходните документи за влез во Грција.

Сите посетители, „независно од државјанството и начинот на влез во земјата“ имаат две опции и една алтернативна можност, во однос на документите што треба да ги приложат, а се поврзани со Ковид-19.

Поконкретно, како што пренесува МИА, првата опција е целосно да ја имаат завршено вакцинацијата 14 дена пред патувањето и да достават сертификат за вакцинација на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа и да ги содржи податоците: име и презиме, како што се заведени во пасошот, вид на вакцина и бројот на дози, заедно со датуми кога се примени.

Втората опција е со негативен ПЦР тест, направен во последните 72 часа пред патувањето, во одобрена од државата на потекло, приватна или државна лабораторија и да биде на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, а исто како и за сертификатот, треба да ги содржи и името и презимето на лицето кое патува, онака како што се заведени во пасошот.

Освен двете опции, алтернативно, како што пишува во министерската одлука, посетителите на Грција, може да достават сертификат за прележана болест или позитивен резултат од направен ПЦР или антигенски рапид (брз) тест со валидност од два до девет месеци од датумот на заболување наведен во документот и да се поминати 30 дена од првиот позитивен резултат. Документот треба да биде од јавна установа или од лаборатории одобрени од државата на потекло, да ги содржи податоците од пасошот и повторно, може да биде на неколку јазици, односно на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик.

Со оглед на тоа што Грција, од минатата седмица официјално го воведе дигиталниот Ковид сертификат, во новата министерска одлука воведена е и оваа можност како алтернатива, односно туристите можат да влезат во земјата со ваков сертификат во дигитална или печатена форма, кој треба да ги содржи податоците во врска со вакцинацијата или резултатот од последната проверка со употреба на брзи антигени тестови или ПЦР тест или потврда за прележан Ковид-19.

Сите посетители на Грција, независно од земјата на потекло, може да бидат подложени на тестирања со брзи или ПЦР тестови, а селекцијата се врши согласно здравствениот алгоритам.

Доколку бидат тестирани, ќе треба да ги почекаат резултатите.

Ако резултатот е позитивен, предвиден е десетдневен, карантин, додека пак ако се работи за лица кои 14 дена претходно ја завршиле вакцинацијата, тогаш задолжителната изолација е седум дена.

На последниот ден од карантинот, потребно е да се направи ПЦР тест.

Дополнително, за патување, задолжителен е и електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form),  преку интернет страницата https://travel.gov.gr, што треба да биде пополнет пред поаѓањето, по што се добива потврда со QR-код и се смета за неопходен документ за влез во Грција.

Согласно министерската одлука, продолжена е забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, а исклучок освен за Северна Македонија има и за Австралија, Босна и Херцеговина, Обединетите Арапски Емирати, САД, Велика Британија, Израел, Канада, Белорусија, Бахреин, Нов Зеланд, Јужна Кореа, Катар, Кина, Кувајт, Украина, Руанда, Русија, Саудиска Арабија, Србија, Сингапур и Тајланд, а од утре, на оваа листа додадени се и државјаните на Црна Гора.

За прекршување на законските мерки и обврски од конкретната министерска одлука, предвидени се парични казни од 500 и 5.000 евра.

Во министерската одлука, посочено е дека туристите, за време на нивниот престој во Грција мора да ги почитуваат мерките и рестрикциите што важат во земјата.

Првата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за да се ограничи ширењето на Ковид-19“, беше објавена на 14 мај годинава, кога по пауза од 14 месеци се отвори граничниот премин Евзони (Богородица) и беше дозволен влез во Грција за македонски државјани, а оттогаш се продолжува секоја седмица.