Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара во петокот „сеопфатна обработка“ на онлајн петицијата за преименување на Руската Федерација во „Московија“, терминот „руски“ да биде заменет со терминот „московски“, а Руската Федерација со „Московска Федерација“.

„Прашањето отворено со петиција во февруари доби 25.000 гласови неопходни за официјално разгледување за преименување на Русија во „Московија“, и бара внимателно проучување. Му се обратив на премиерот на Украина со барање ова прашање темелно да се разработи, особено со вклучување на научните институции“, се наведува во соопштението објавено на сајтот на кабинетот на украинскиот претседател.

Авторите на петицијата тврдат дека „Русија постои само 301 година“ – од 22 октомври 1721 година, кога, како што наведуваат, „царот Петар Први го прогласил Московското царство за Руска империја“.

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев повторно ја спореди Украина со нацистичка Германија во саботата кога предложи Украина да се преименува во „Шовинистички Бандера рајх“, како одговор на украинската петиција со која се повикува украинската влада да ја преименува целата Руска Федерација во „Московија“.

„Врховниот киевски нацист наложи да се разработи преименување на Русија во „Московија“. Па, што да кажам. Нашиот одговор? Украина да се преименува не во Хохланд (погрден назив за Украина), а секако не во Мала Русија. Само во Шовинистички Бандера рајх“, напиша Медведев на Телеграм.