Париската полиција денеска соопшти дека привела 11 лица на протестот против пензиската реформа, додека протести се одржуваат ширум Франција, пренесоа локалните медиуми.

Радио Франс Инфо објави дека неколку стотици илјади луѓе се собрале низ целата земја и дека во текот на денот биле најавени 230 протести.

Инциденти избувнаа во Париз и Нант, додава радиото.

Синдикатите, главни организатори на протестите по објавувањето на пензиската реформа, продолжуваат да бараат францускиот претседател Емануел Макрон „да се консултира со народот“ пред да ја усвои реформата.

Засега надлежните не реагираа на протестите.

Горниот дом на францускиот парламент, Сенатот, во кој мнозинството го сочинува десничарската опозиција, пред три дена го одобри зголемувањето на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години, што е клучна одредба од најавената реформа со која Макрон сака да настапи за време на неговиот втор претседателски мандат.

Сенатот има рок до утре вечер да ја разгледа реформата, а властите се надеваат дека ќе го усвојат целиот текст.