Денеска во Кривичниот суд почна судењето за „Плацови на Водно“, наводен случај од „бившиот режим“, додека во последниве години од „актуелната демократија“ има купишта од корупција и криминал.
Ама и откриени повеќе канти со путер со изминат рок, како и последните наоди за корупција кај пеливаните и скијачите, како што вчера на прес-конференција откри вицепремиерот Љупчо Николовски.
Несомнено, криминалот и корупцијата се едно од најголемите зла во секоја држава, па и во Македонија. Но, истовремено и најскокотлива тема за, за жал, забава на народот. Од една страна е „добрата власт“ која ги спасува стомаците на народот од криминоген путер, а од друга бившиот „режим на Груевски“, за кого речиси нема ден да мине без некое судење.
Вниманието на народот, веќе втор мандат од доаѓањето на власт на Зоран Заев, е насочено кон предмети на „Т“ од криминогеното и укинато СЈО. Но, и лански, како што е „Плацови на Водно“, за кои поранешниот премиер Никола Груевски вели дека се измислени за забава на народот и за одвлекување на вниманието од вистинските проблеми кои што ги создаде сегашнава власт.
Во меѓувреме Македонија, денес, и без „режимот на Груевски“ е посочувана како една од најкорумпираните земји во Европа. Тоа го кажуваат и авторитети од странство, како и меѓународни истражувања на криминалот и корупцијата во последниве години по падот на „режимот“ и доаѓањето на „демократијата“ во нашава земја.
Денеска, како што е споменато погоре, во Кривичниот суд Скопје почна судењето за случајот „Плацови на Водно“. Обвинети се експремиерот Никола Груевски, Сашо Мијалков, Јордан (Орце) Камчев, неговата мајка Ратка Куновска-Камчева, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ. Судскиот процес го води судијата Илија Трпков, а обвинител во случајот е Лиле Стефанова.
Истрагата за „Плацовите на Водно“ беше отворена во октомври лани, а обвинението стигна во судот во мај годинава и е распределено кај судечки совет, кој за денеска го закажаа и првото рочиште.
Овој случај, освен борба за правда, ќе биде уште една тема за забавување на народот со „криминалот на Груевски“, а наспроти тоа подмачкување на јавноста со „путерот на Заев и Николовски“. Во секое време судења за случаи на „бившиот режим“ за актуелната власт се добродојдени, а сега уште повеќе пред претстојните локални избори.
(Д.Г.)