Градоначалникот на австралискиот град Мелбурн Николас Рис, како и градскиот Совет, издадоа Директива според која учесниците на градскиот фестивал „Мумба 2026“ може да носат само официјални знамиња на државите од кои потекнуваат.

Со тоа, на македонските играорни групи им бил поставен услов да може да го користат само официјалното државно знаме, но не и знамето со ѕвездата од Кутлеш. Тоа предизвика револт и разочарување меѓу македонското иселеништво кое, во најголем дел, го користи токму знамето од Кутлеш како свој етнички симбол. Поради тоа сите македонски фолклорни и игроорни групи решија да не настапат на традиционална парада која се одржува секоја година во овој град, а на која се слави и етничката разноликост на заедниците на петтиот континент.

– Срцето ни е скршено што не смееме да се самоодредуваме и да го претставуваме нашиот македонски идентитет. За нас, Македонците, учеството без нашето знаме би значело компромитирање на суштинскиот дел од тоа што сме. Културниот израз треба да се слави во целост, а не да се ограничува. Ние во срцата ја носиме ѕвездата од Кутлеш. Поради тоа, одлучивме да не учествуваме на Парадата на Град Мелбурн, „Мумба“. Велиме – „не, фала“, нема да поставиме преседан за себе, нема да ги компромитираме нашите танчари, кореографи или културно-уметнички здруженија – соопшти вчера Федерација на македонски културно-уметнички асоцијации во австралијанската држава Викторија.

На претходните манифестации, црвеното знаме со ѕвездата од Кутлеш беше редовно истакнувано на чело на поворката составена од повеќе игроорни групи облечени во традиционални македонски носии. Нашите сонародници се посебно револтирани од односот на градоначалникот Николас Рис. Тие сметаат дека тој ја донел таквата одлука под влијание на неговата сопруга Фелисити Пантелидис, која е етничка Гркинка. Во реакциите се наведуваат изјавите на градоначалникот Рис, кој изјавувал дека „иако нема грчка крв, тој е Грк во срцето“ и дека „неговите три ќерки растат како горди грчки Австралијки“. Се наведуваат и примери со кои се потпишувал со името Никос, односно, грчка варијанта на неговото име.

Вчера, градоначалникот Рис изјави за австралијанските медиуми дека е разочаран што македонската група не настапила.

 Со нетрпение очекував да ги видам на парадата. „Мумба“ е ден за забава. Тоа е време за семејна забава. Се надевав дека древните караници околу знамиња и други работи ќе можеме да ги оставиме дома и дека само ќе излеземе и ќе уживаме во денот – рече тој.

Македонската заедница во Австралија, во наредниве денови, ќе реши што какви правни средства да употреби по забраната за употребата на знамето. Во наредниве денови ќе следуваат и контакти со градската управа на Мелбурн и со раководството на фестивалот за да биде повлечена директивата.

Ицо Најдовски, македонски активист во Австралија, вели дека австралиските закони го гарантираат правото на секоја етничка заедница да го користи симболот што го чувствуваме како свое обележје.

– Сега, одново ни ја прекршуваат точката 19 од Повелбата на Викторија. Во неа, покрај другото, се предвидуваат правата на поединецот да ги демонстрира своите верувања и идентитет и луѓето со посебно културно потекло не смеат да бидат лишени од правото да уживаат во својата култура или да ги користат својот јазик и симболи. Освен тоа, се забранува и секоја дискриминација врз основа на „раса“, а што во австралиското право вклучува и етничко потекло или националност. Забранет е секаков чин кој вклучува дистинкција, исклучување или рестрикција заснована на раса или етничко потекло, а која има за цел да го загрози еднаквото уживање на човековите права и слободи. Исто така, државните институции (вклучувајќи ги и градските совети) се обврзани да промовираат политики кои им овозможуваат на сите граѓани да го зачуваат и да го негуваат својот културен идентитет – вели Најдовски.

Ова не е првпат Македонците во Австралија да се соочуваат со одлуки на градски и државни власти со кои им се загрозува правото да го негуваат македонскиот идентитет. Во 1994 година беше донесена одлука со која властите се обидоа да ги именуваат Македонците како „Славомакедонци“, а две години подоцна, македонскиот јазик беше именуван како „македонски словенски јазик“. Во 2024 година, во основното училиште Lalor North Primary School, сличен обид за забрана на сонцето од Кутлеш беше поништен по интервенција на Министерството за образование на Викторија. Министерството потврди дека учениците имаат право да се идентификуваат со овој симбол.