Православните христијани, денес и во сабота ја празнуваат Задушница, а следниот ден Духовден. Празникот Задушница се одбележува во чест на душите на мртвите.
На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. На Задушница верните даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.
„Молитвата и милосрдните дела се најпотребното за спасение на душите на покојниците но и за нашите души. И само еден гладен да нахраниме, сме направиле повеќе отколку сите формални процедури и обичаи да ги извршиме и најбогатите трпези на светот да ги поставиме врз гробот, за да јадат само оние кои се веќе најадени и не страдаат од глад“, пишува „Покајание.мк“.
Совет и упатство и од нашите свештеници.
„…Многумина од вас ќе отидат на гробишта и ќе однесат многу храна која ќе си ја раздавате, за помен на починатите, меѓусебно. Со тоа чиниме милостина во име на починатиот. Свештениците ќе ги споменат починатите на парастасот. Но, освен молитвата каква полза би имале починатите од раздавањето на храната кога ја даваме на луѓе кои имаат доволно? Затоа ве советувам и замолувам да не ги одвраќате сиромашните кои ќе дојдат до вас и ќе ве замолат да им дадете нешто. Тие навистина ќе ја употребат дадената храна и нема да ја фрлат во корпите. Донирајте храна и во народните кујни, во детските домови, во затворите и интернатите. Секако го правите трошокот. Не бидете робови на формата, размислете и исполнете ја суштината…“