Премиерот Зоран Заев и градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш упатија заедничка видео порака до ромската заедница по повод 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите.
Во честитката, премиерот Заев ги повикува сите граѓани да бидат активни и одговорни во придонесот кон создавањето еднакво праведно општество за сите.
– Заедно работиме за едноставен пристап до квалитетни социјални услуги, до широки можности за образование и за вработување, за сеопфатно учество на граѓаните од ромската заедница. За оваа интеграција обезбедивме посебни финансии од централниот буџет и од донаторите, за квалитетно вклучување на Ромите во сите процеси на нашето општество, вели Заев во видео честитката.
Нагласува дека Владата внимателно ги следи сите активности за спроведување на политиките за квалитетно вклучување на Ромите во сите процеси на општеството и ги охрабрува припадниците на заедницата на пошироко учество во тие процеси.
Градоначалникот Дудуш во честитката истакнува општината продолжува да обезбедува достоинствен живот за сите.
– Заедно ги рушиме стереотипите и градиме светла иднина во едно мултикултурно општество. Ги подобруваме инфраструктурата и заштитата на животната средина. Благодарение на заедничките залагања на локалната самоуправа и на Владата, оваа година ќе се пушти во употреба новата детска градинка – 8 април, која ќе придонесе за квалитетно предучилишно образование, како и читална за студентите Роми во рамки на средното училиште „Шаип Јусуф“. Градиме нови паркови и обезбедуваме достоинствени услови за раст и развој на нашите деца и млади, вели Дудуш во честитката.