Да се искористи моментот на олабавување на коронавирусот и стабилизација на пандемијата и да се оди на избори во средината на јуни, поточно на 14 јуни, е заедничкиот став на коалицијата „Можеме“ што се изгради на денешниот состанок на претседателите на партиите од коалицијата во седиштето на СДСМ, кој ќе биде претставен на лидерската средба во вторник кај претседателот Стево Пендаровски.
-Заклучивме дека на државата и се потребни избори веднаш штом се создадат услови за нивно одржување. Доколку продолжи да се намалува бројот на заразени и кризата е целосно под контрола тоа е најдобро од здравствен, од економски и од демократски апсект. Во ситуација кога пикот на коронавирусот е поминат и кога интензитетот се намалува треба да се одржат изборите затоа што во такви услови нема никаков ризик по здравјето на граѓаните, особено имајќи предвид дека наесен се очекува нов бран од вирусот и би било неодговорно да се загрозува здравјето на граѓаните, изјави претседателот на СДСМ Зоран Заев по средбата.
Тоа, како што нагласи, би и дало можност на државата подобро да се подготви за новиот бран со избрана политичка влада и Собрание и функционални инситуции за економски подобро да се справи со последиците, и додаде дека доколку се повтори кризата ќе останеме надвор од било какви уставни можности.
Кризата со коронавирусот, потенцира, остави сериозни последици врз економијата и затоа, како што кажа, се потребни Собрание и Влада со целосен легитимитет за да можат да преземат соодветни чекори за надминување на економската криза. Според него, и други држави од околината во периодот на олабавување на пандемијата одат на избори, а охрабрува и фактот што Мисијата на ОДИХР може да се организира и да прати набљудувачи.
-Нашата држава навремено и соодветно презеде мерки и добро се справува со коронавирусот, но не треба опуштање и затоа апелираме граѓаните да се придржуваат и да ги почитуваат сите препораки од надлежните здравствени институции, потенцира Заев.
На лидерската средба кај Пендаровски очекува да биде постигнат консензус и да биде дефиниран датум за одржување на изборите согласно препораките од Комисијата за заразни болести и да се говори за начинот на водење на кампањата.
Прашан како ќе може да се спроведат изборите, лидерот на СДСМ рече дека тоа треба да се направи согласно препораките на здравствените комисии, а партиите заедно да се договараат и да ги прецизираат деталите како ќе се организираат изборите.
-Постојат препораки и досега размислувани и во светот и дома за организирање на изборите. Не верувам дека има потреба да се менува Изборниот законик, но не сум стручен, нека кажат правниците заради носењето на маските и идентификација на гласачите. Верувам дека со маска на лицето и со дезинфициенс на влегување и на излегување тоа можеме да го регулираме, но оставам тоа да го кажат стручните здравствени комисии, рече Заев и додаде дека не е добро на избори да одиме на 40 степени кога улиците се празни и луѓето се надвор од државата на одмор.
На прашањето дали очекува валкана кампања, Заев рече дека не посакува и се надева дека нема да има валкана кампања, додавајќи дека граѓаните доминантно неспоредливо повеќе ставаат внимание на тоа што им се нуди и програмски, но и кадровски во делот на нивната одлука, отколку негативни кампањи. Тој апелира да се избегнува таков начин на кампањско однесување.