Петар Атанасов поднесе оставка од функцијата зашто не стана министер, а тоа што го напиша се негови лични ставови, рече премиерот Зоран Заев вечерва во интервју за ТВ Сител прашан за повлекувањето кое заменик-министерот за образование и наука вчера го соопшти преку својот Фејсбук-профил.
-Тој е мој пријател и беше заменик-министер во еден сериозен период. Жалам што господинот Петар Атанасов вака го објави тоа, со ваква употреба на зборови. Тоа е негово право и одговорност. Ред е и јас да кажам дека тој тоа го направи зашто не стана министер за образование. Го бараше тоа неколкукратно од мене, јас одлучив дека не треба да стане министер за образование. Во саботата ја донесов конечната одлука, му ја соопштив на Атанасов. Секој не може да биде министер, некогаш и околностите не се такви. Демократска партија сме, луѓето се слободни во своите намери и тој одлучи на ваков начин да го изрази своето незадоволство, рече Заев.
Во однос на ставовите на Атанасов за неспроведување на рефоирмите, премиерот одговори дека тие продолжуваат согласно со програмата, дека сериозно му се посветуваат на образованието како на „жив процес и жива материја“ и дека низ дебата ќе изградат вистински образовен систем. Досега е донесен, рече, само Законот за високо образование, нацрт-законот за основно е во процедура и ставен на ЕНЕР за сугестии, ќе следува нов закон средно и развивање на концептот за дуално образование.