Бугарија е наш стратешки партнер и еден од најголемите пријатели на РС Македонија, рече премиерот Зоран Заев во одговор на новинарско прашање кои се црвените линии за кои зборувал бугарскиот претседател Румен Радев кој на средба со амбасадори во неговата земја рекол дека поддршката на Софија за Скопје не е безусловна.
Заев на прес-конференцијата во Владата одговори дека треба да ја прочита изјавата на бугарскиот претседател за, како што рече, да се доинформира за тоа што тој го кажал, но нагласи дека верува оти Бугарија ќе биде авангардниот поддржувач на нашите интетрациски процеси и дека зборовите на Радев се мотивација да се надминат разликите на комисиите за историски прашања.
-Бугарија е наш искрен и голем пријател, но истовремено интерес е и на Бугарија интеграцијата на РС Македонија во НАТО и во ЕУ. Тоа и претседателот Радев и премиерот Бојко Борисов го имаат многупати истакнато, така што верувам дека можеби употребата на зборовите значи и мотивација на двете страни да ги надминат отворените прашања кои во моментов се помеѓу двете комисии за историските разлики. Верувам дека пораката е во тој дух, рече Заев.
Токму Борисов и особено Радев, додаде Заев, често говорат дека пријателството расте, се негува и унапредува. -Ние имаме обврска така и да се однесуваме сите, истакна Заев.