Во пресрет на утрешната, официјална посета на Република Македонија, премиерот Зоран Заев денеска го прими министерот за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Дитмир Бушати.На средбата, на која присуствуваше и министерот за надорешни работи Никола Димитров, се разговараше за билатералните односи меѓу двете земји, како и за перспективите на натамошната соработка во области од заеднички интерес, вклучително економијата, трговската размена и интерконективноста, соопшти владината прес-служба.
Премиерот Заев го информирал министерот Бушати и за актуелните активности поврзани со спроведувањето на референдумот за договорот од Преспа, како важен чекор за нашата земја и за нашите евро-атлантски интеграции.
Тој, како што се наведува во соопштението, ја истакна поддршката што за нашата земја во таа насока доаѓа од актуелната Влада на Албанија, и посебно од премиерот Еди Рама.
– За нас нема алтернатива кога станува збор за исполнување на нашите стратешки цели, членството во ЕУ и НАТО, и за граѓаните на Република Македонија учеството и гласот на референдумот е глас за иднината на нашата земја, рече Заев на средбата Бушати. Заев додаде дека охрабува и непосредната поддршка на европските лидери, како и на лидерите на НАТО и ЕУ, кои во овој период ја посетуваат Република Македонија, исто како политичките лидери од регионот.
Двајцата соговорници размениле и мислења околу состојбите во регионот и перспективите за негово интегрирање во европските и евро-атлантските структури