Холокаустот е најголемото злосторство во современата историја на човештвото, а сеќавањата на жртвите секогаш ќе биде наша должност – никогаш повеќе да не се повтори, напиша премиерот Зоран Заев на својот фејсбук-профил по повод одбележувањето на 78-годишнината од депортацијата на нашите сограѓани, македонските Евреи, во нацистичките логори на смртта.
-Оваа трагедија е длабоко врежана во колективната меморија на македонските граѓани и ги испиша едни од најмрачните страници во историјата. Со сеќавањето на жртвите од ова ужасно злосторство со кое 7.144 македонски Евреи беа погубени во логорот „Треблинка“, и кога им оддаваме помен и на останатите шест милиони невини еврејски мажи, жени и деца, се соочуваме со последиците на ова ѕверство и жалиме за сите семејства кои беа погубени, жалиме за роднините, жалиме за соседите, жалиме за целата еврејска заедница во нашата земја, пишува Заев.
Тој додава дека наша обврска, на секој од нас, е засекогаш да остане запаметен овој антицивилизациски акт со сиот негов ужас, како предупредување и лекција од минатото.
-Лекција која добро треба да се знае за предвреме да се пресретнат сите форми на зло и сите опасности, кои на каков било начин можат да ја засенат нашата заедничка иднина и градењето на еднакво општество за сите, напиша премиерот Заев на својот фејсбук-профил.
Заев никаде во објавата не спомнува кој е извршителот на собирањето на македонските Евреи од Македонија, како што е запишано во историјата дека тоа го сторил бугарскиот окупатор. Денес се избегнуваат називите „фашистички“ и „окупатор“ и се заменуваат со „администратор-и“.