Зоран Заев, придружуван од Никола Димитров и Бујар Османи, утре ќе оствари работна посета на Софија.

Целта на посетата, како што информираат од владината прес-служба, е интензивирање на напорите за наоѓање решенија за отворените прашања и за деблокада на европската интеграција на Северна Македонија.

Премиерот и владината делегација ќе остварат работни средби со претседателот на Бугарија Румен Радев, со премиерот на Бугарија Стефан Јанев, како и со претставници на поголемите политички партии во Република Бугарија.

При денешното отворање на градинка во Шуто Оризари, на прашање во врска со ова, Заев одговори:

-Ако се постигне решение, јуху супер, ако не се постигне сигурно ќе е позитивен исчекор кон изнаоѓање на решение веднаш штом ќе се формира политичката влада.

На веста з аутрешното патување во Бугарија на Заев, реагираше Мицкоски:

-СЕ ПОДГОТВУВА ЛИ НОВО ПРЕДАВСТВО ОД КВАРТЕТОТ ЗАЕВ, БУЧКОВСКИ, ОСМАНИ, ДИМИТРОВ ВО БУГАРИЈА?

Овој квартет кој државава ја чини многу скапо ќе отпатува во Софија, каде се спремни да дадат бел лист хартија кој бугарските политичари треба да го натоварат со барања, исти онакви какви што се содржани во Бугарската декларација со која се негира јазикот, идентитетот и историјата на Македонија.

Овој квартет предводен од Зоран Заев ќе го прифати сето ова, што подоцна треба да се реализира со исчекување на новата влада во Бугарија.
Загрозени се националните и државни интереси, Заев им дава поклон кој многу скапо ќе ја чини нашата држава.

Апелирам на внимателност на македонскиот народ, свесно и будно да не дозволиме ново предавство на квартетот Заев, Бучковски, Османи и Димитров, стои во неговиот пост на Фејсбук.

На ова возврати Заев со тврдењето дека Мицкоски велел дека сме го загубиле идентитетот со Преспанскиот договор, па не сме можеле да изгубиме нешто што е веќе изгубено. Според Заев, тоа не е така и македонскиот идентитет ќе остане зачуван.