Соодветна финансиска поддршка за компаниите во четвртиот пакет мерки за да се надмине кризата што ја предизвика пандемијата со Ковид-19, значително намалување на парафискалните давачки и заедничка борба против корупцијата и сивата економија, побара денеска Сојузот на стопански комори на Македонија од новата Влада, а премиерот Зоран Заев најави стабилност и предвидливост во следниот период и нови мерки за стопанството и за граѓаните.
Најави период од четири години во кој, како што рече, нема да има вонредни парламентарни избори.
– Државата е стабилна и постои за да им помага на граѓаните и на стопанството и да биде најдобар сервис на граѓаните. Предвидувањата се дека во следните шест до осум месеци кризата ќе продолжи и целиот овој период мора да го поминуваме заедно бидејќи заедно сме посилни и помудри. Во такви околности почнуваме со дискусија и дебата за креирање нови пакети за економијата и за граѓаните. Владата е стабилна, коалицијата е силна, изградена на основа на вредности и ја испраќа пораката на предвидливост што е важно за секоја компанија бидејќи предвидливоста значи доволна храброст да се туркаат сите процеси. Најавуваме период од четири години каде нема да има вонредни парламентарни избори што е важно за плановите на компанниите, изјави Заев пред средбата со бизнисмените од Сојузот на стопански комори.
Според премиерот, следува стабилен период и во даночната политика, а очекува и заедничка борба со коморите против сивата економија.
– Ако се случи промена на данок, таа треба да биде навреме најавена. Немаме такви најави и нема таква потреба, нагласи Заев.
Од Сојузот на стопански комори се надеваат дека процесот на донесување на новите антикризни мерки ќе биде инклузивен и сите претпријатија кои се соочуваат со финансиска криза, ќе ја добијат неопходната поддршка.
За нив, значајно е да се намалат и парафискалните давачки, кои како што изјави претседателката на ССК, Даниела Арсовска, претставуваат поголемо оптоварување дури и од даночните давачки.