Премиерот Зоран Заев се уште не го добил писмото со кое струшкиот градоначалник му ги остапува ингеренциите од општината во делот на градежништвото.
Вели дека има информации оти и општина Охрид ќе го направи истото и оти државата ќе ги земе овие отстапени ингеренции и оти ќе постапува за да ги исполни обврските кон УНЕСКО, но и кон граѓаните воспоставувајќи ред во оваа сфера.
-Писмото кое гледам дека во јавноста веќе е испратено, веројатно веќе ќе стигне. Слушнав дека и општина Охрид сака да ги остапи надлежностите во делот на градежништвото. Очекував да постапуваат институциите не само заради тоа што се актуелни теми и во Охрид и во Струга, туку и заради УНЕСКО, Ако не постапуваат, државата ги одзема ингеренциите. На ваков начи направија овие ингеренции многу побрзо да дојдат кон државата. Ние ќе ги преземеме. Зарди обврската да се среди Охрид, крајбрежјето и околината на градот заради УНЕСКО, но и отстранување на девијантни појави, изјави Заев одговарајќи на новинсрко прашање како ќе постапи Владата по најавата на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за отстапување на ингеренциите во оваа сфера.
Наша намера, рече Заев, е да постапиме согласно закон, да избереме компании кои ќе направат извршна постапка, кои ќе тргнат записник по записник, дел по дел да ги исполнуваат нашите обврски кон УНЕСКО, но пред се и над се пред граѓаните.
Така ќе се овозможи владеење на законот, остранување на нелегално изградени објекти, кои немаат право на легализација. Тие кои имаат право, потенцира Заев, може да останат, но тие за кои немаат право ќе се постапи по закон.