Премиерот Зоран Заев денеска во гостувањето во „Утрински брифинг“ порача дека македонски народ и македонски идентитет се наше право на самоопределување.
– Европа мора да остане на своите фундаментални вредности, европски вредности, а тоа е да ги негува сите идентитети на европскиот континент, ние овде го негуваме целиот европски идентитет, должност на Европа е да го негува и нашиот македонски идентитет, истакна Заев.
Тој нагласи дека оптимизмот континуирано се негува, поради потребата од креирање на политики на унапредување на пријателството во регионот.
– И во моето обраќање до нацијата кажав дека ние сме градители, градиме пријателство, ние не правиме штета во регионот, немаме претензии, ние сме мирољубив народ, политиката на нашата држава е навистина европска, држиме убави европски лекции од овде, од кандидатскиот Западен Балкан, кои што и недостасуваат на модерната Европска Унија, во контекст на дебата за буџетот, за Полска, за Унгарија и други теми, изјави премиерот Зоран Заев во „Утрински брифинг“.
Премиерот напомена дека во изминатиот период земјава сторила се што е во рамките на дозволивото и оти ќе продолжи по тој пат, напоменувајќи дека уште на 11 Октомври имало резерви кон Бугарија и оти тогаш е напоменато дека народот треба да е подготвен бидејќи е можно оваа година да не почнеме со првата меѓувладина конференција.
– Во делот на изнаоѓањето на решенијата, со Бугарија разговаравме за тоа, што впрочем и Бугарија го коментира дека не е доволно реализиран Договорот за пријателство, дека не е соодветна динамиката на неговата реализација. Направивме акционен план, направивме динамики како тоа да се решава, одредени клаузули ги предложивме во функција на меморандум, изјава, декларација, протокол, за да може да ги интензивираме сите тие аспекти. И ние сме отворени и подготвени. И сето ова не е отфрлено, впрочем е прифатливо, тука се предвидени и акции во делот на спречување на говорот на омраза, делот на имплементацијата на Комисијата во делот на учебниците во Бугарија и во С. Македонија, на наративи коишто градат пријателство низ историските ликови или слично, вели Заев.
Тој напомена дека Македонија продолжува да чекори по европскиот пат, но додаде дека Европа не може да дозволи да има поглавје 35, да има работи кои не се дозволиви.
– Губитник е Бугарија, губитник е и С. Македонија, но најголем губитник е Европската унија, затоа што се посипа со пепел, нагласи Заев, при тоа изразувајќи благодарност до 26-те земји членки, кои се единствени во поддршката за земјава и како и до Германија, која како актуелен претседавач била целосно насочена во тој правец.
Осврнувајќи се на неговото интервју за БГНЕС, кое предизвика реакции во јавноста, Заев истакна дека тој е должен да ги прави првите чекори.
– Една работа е добра – во овие месеци малку повеќе дознавме едни за другите – ние Македонците за Бугарите и обратно. Тоа треба да се користи во позитивен аспект. Вчера се обратив многу отворено, бидејќи се уште постои еден антагонизам кој не е во функција на пријателството кое искрено сакаме да го изградиме и Македонија и Бугарија. Во едни такви околности го говорам она што нашиот народ го мисли. Растев со нашиот народ, тоа е мојот идентитетски код, така и се поставени работите во државата, вели премиерот.
Во врска со улогата на опозицијата, која бара оставка од него, Заев изјави дека крајно време е со опозицијата заедно да се направи нешто добро.
– За жал национализмот е присутен насекаде по европскиот континент. И нашиот опонент игра на таква карта. И ова е една вечна борба – пркосот, кон колективното, кон европското, кон животот, наспроти чукање во градите под превезот на национализмот, држејќи го во заложништво својот народ и прогресот на земјата. Ние 30 години видовме што значи тоа. Нашите граѓани очекуваат подобар живот за своите деца, рече Заев.
Како еден од проектите кој може да има обединувачки карактер со опозицијата премиерот Заев го потенцираше новиот Клинички центар, кој го посочи како можност кој е во интерес на сите граѓани во државата, особено во периодот на пандемија од Ковид-19.
– Од духот на внатрешното помирување не смее да се откажеме. Малку сме, браќа сме. Во такви околности секогаш треба да правиме тенденции каде може да се помириме, да застанеме зад проекти, порача Заев во гостувањето во „Утрински брифинг“.