Дански политичари оваа недела одржале доверлив виртуелен состанок со лице за кое се покажа дека лажно се претставува како опозициската белоруска политичарка Светлана Тихановска, соопшти денеска данскиот Парламент.
Членовите на парламентарната Комисија за надворешна политика разговарале со лажната Тихановска цели 40 минути пред повикот на конференцијата да биде нагло прекинат, без да бидат свесни за тоа.
Во соопштението се вели дека соработници на опозициската политичарка, кои побегнаа во Литванија по изборите во Белорусија на 9 август, им рекле на данските пратеници дека Тихановска не учествувала на тој виртуелен состанок.
Заменик-претседателот на Комитетот, Мајкл Ааструп Јенсен, објасни дека состанокот бил замислен како видео конференција, но дека лицето кое погрешно се претставило рекло дека не работи со веб-камера, туку само со аудио.
Тој посочи дека на тој состанок не биле откриени никакви доверливи информации и дека биле преземени мерки за да се спречи сличен инцидент во иднина.
Јенсен исто така рече дека компјутерски експерти откриле дека веб-страницата од која лицето контактирало се наоѓа во Русија. Претседателот на Комитетот и поранешен министер за надворешни работи Мартин Лидегард изјави дека се уште не е познато кој стои зад измамата, но има индиции за руска врска. зш/