Претпладнево во атинскиот суд продолжува рочиштето за казните за осудените во процесот против Златна зора, откако во средата беа прогласени за виновни за криминална организација, јави дописничката на МИА од Атина.

Во текот на вчерашниот ден, адвокатите на обвинетите ги презентираа нивните аргументи во барањата за ублажување на казните, а откако вчера, рочиштето беше прекинато во 19 часот, продолжува денеска во 11 часот.

За седуммината осудени за водење на криминална организација, односно за лидерот на Златна зора и уште шест поранешни пратеници, обвинителката вчера ги отфрли барањата на адвокатите за ублажување на казните.

Казните за осудените ќе бидат соопштени откако ќе завршат излагањата на сите адвокати, а со оглед на тоа дека станува збор за обемен предмет со над 60 осудени лица, процените се дека можеби за соопштувањето на казните ќе биде потребно уште едно рочиште, веројатно во понеделник.

Никос Михалољакос, лидерот на партијата и шест поранешни пратеници се соочуваат со затворска казна од пет до 15 години, додека пак 13 други членови на Златна зора, виновни за учество во криминална организација може да добијат од пет до десет години затвор.