Премиерот Зоран Заев денеска ја отфрли можноста да се одложат изборите поради престојната ратификација на Протоколот за членство во НАТО во Собранието на Република Македонија.
Протоколот откако ќе биде ратификуван од сите земји-членки, треба да дојде во нашето Собранието, каде пратениците исто така ќе пристапат кон негово ратификување со што ќе се официјализира членството во Северноатлантската алијанса.
-Се договоривме и ги замоливме сите политички партии од владината коалиција и од опозицијата за консензуално прифаќање на датумот 12 април, рече Заев денеска по посетата на Клиниката за гастроентерохепатологија.
Нагласи дека во името на сите го замолил претседателот Стево Пендаровски да ја искористи уставната можност за распуштање на Парламентот меѓу 45 и 60 дена пред изборите и тоа да го стори на 45 дена до изборите.
Со тоа, додаде Заев, би го добиле цел февруари, според пресметките до 26 февруари, со цел во тој период Собранието да биде функционално и да се ратификува Протоколот.
-Очекуваме и нашиот Парламент да спроведе ратификација и со тоа да станеме полноправна членка на НАТО. Треба да се земе предвид дека во Шпанија на 10 ноември се одржуваат избори, така што ни остануваат цел декември, јануари, па и февруари да се заврши процедурата, рече Заев и додаде дека се чека во Шпанија да заврши изборниот процес и формирањето на владата, по што и таму ќе се пристапи кон ратфикацијата.
Уште три ратификации ја делат Македонија од полноправно членство во НАТО. Дваесет и шест земји, меѓу кои и САД, дадоа зелено светло земјава да се приклучи во Алијансата.
Останува тоа наскоро да го сторат уште Франција, Холандија, и Шпанија. Францускиот Сенат го усвои во прво читање предлог-законот за ратификација на Протоколот за членство на Македонија во НАТО. Останува документот да биде ратификуван и од Националното собрание при второто читање.
На прашањето дали ќе коалицира со други партии од албанскиот блок, Заев денеска истакна дека можностите се отворени и оти се следи расположението на граѓаните.
-Треба да го следиме гласот на граѓаните, тие отприлика укажуваат во која насока треба да се формираат коалициите, рече Заев.