Словенечката компанија Таб мак ќе инвестира 25 милиони евра отворајќи 90 нови работни места во Пробиштип и околината.
Новата инвестиција ја најавија премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев од Словенија каде што во рамки на дводневната официјална посета имаа неколку средби со словенечки компании.
–Во рамки на нашата посета на пријателска Словенија имавме прилика да се видиме со неколку бизнисмени, дел од нив се веќе присутни во нашата земја. Господин Липновик, директор на компанијата Таб мак, ја сподели добрата вест со нас, дека е донесена одлука да направат нова инвестиција за фабриката за акумулатори во Пробиштип во вкупна вредност од 25 милиони евра. За нас е тоа многу значајно. Се потврдува дека во нашата земја има поволна инвестициска клима кога една компанија што скромно стартуваше пред неколку години сега носи вака крупна одлука за инвестиција од 25 милиони евра што ќе отвори нови од 70 до над 90 работни места. Се потврдува дека севкупните наши политики значат отворање на перспективи на С. Македонија за интегративните процеси, но и на сите економски политики што ги водиме во државата, рече премиерот Заев и додаде дека оваа инвестиција се реализира во внатрешноста на земјата, што е дополнителен импулс за рамномерниот регионален развој и за задржување на младите во нашата земја.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, како што информираат од владината прес-служба, посочи дека за време на работната посета во Словенија, остварена е работна средба со претставници на 17 словенечки компании што имаат операции во земјава, кои ги презентираа своите идни планови и притоа изразија задоволството од бизнис климата во нашата земја и актуелната политичка состојба.
-Таб Мак ги препозна мерките од Планот за економски раст, односно Законот за финансиска поддршка на инвестициите како добра платформа за реализација на својата нова инвестиција. Во согласност со Законот, оваа компанија ќе има можност да потпише договор за државна помош со што ќе се забрза реализацијата на проектот. Ова е една од компаниите што инвестира надвор од Технолошко индустриските зони. Со тоа покажуваме дека не се поддржуваат компании само во ТИРЗ. Веќе имаме добар број фабрики кои инвестираат и надвор од овие зони. Со оваа компанија разговараме околу една година, во новата инвестиција ќе донесе современа технологија, што значи и поквалитетни работни места за граѓаните на Пробиштип и околината, нагласи Анѓушев.
Управителот на Таб Мак, Игор Липовник, истакна дека станува збор за компанија што успешно функционира од 1965 година, а во 2012 ја презема фабриката „Злетово“, што во тој момент имала 168 вработени и вкупно околу пет милиони годишен приход.
Тој истакна дека се одлучиле на овој чекор бидејќи во нашата земја нашле добри и квалитетни работници, а потенцираше дека односите со централната и локалната власт се на високо ниво.
-Досега инвестиравме околу 19 милиони евра, а приходот од пет милиони евра се искачи на 66 милиони евра на годишно ниво. Препознавајќи ги можностите што ги нудат мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите, одлучивме да инвестираме минимално 15 милиони евра, а може да потврдиме дека ќе бидат 25 милиони евра, со повеќе од 100 нови работни места, со што очекуваме годишниот приход да го искачиме над 100 милиони евра. Тоа значи дека производството од 1,2 милиони акумулатори, што се вградуваат во „volkswagen“, „сitroen“ и „renault“, сега ќе се искачи на над три милиони произведени акумулатори. Воедно очекуваме производството на батерии за вилушкари, од 350 илјади парчиња, да се искачи на над еден милион произведени парчиња, истакна Липовник.