Зоран Заев вечерва, во интервју за „Сител“ уште еднаш повтори дека предметите на СЈО мора да имаат иднина и тоа, како што рече, е црвената линија што не смее да се помине во преговорите со опозицијата.

За власта, потенцира Заев, е прифатлив предлогот новото обвинителство да го води обвинител предложен од опозицијата што потоа ќе го избере парламентарното мнозинство, а ќе го верификува Советот на јавни обвинители.

-Тоа мора да биде некој „тешкаш“, издржан. Предлогот Никола Груевски, Владимир Јован Илиевски или Марко Зврлевски секако не може да помине. Иднината на предметите се причината. Јас и власта се бориме да биде загарантирана нивната иднина од трансферот, по заокружувањето на СЈО тие предмети мора да имаат иднина, а Мицкоски и неговиот тим бараат предметите да бидат амнестирани, да се заташкаат, да се уништат. Иднината на предметите е црвената линија што не смее да се помине, подвлече Заев.

Во врска со „Рекет“ истакна дека не треба никој да се плаши. Секој што истрагата ќе покаже дека е инволвиран, треба да одговара.

-Граѓаните ги чекаат одговорите, трагата на парите и кој се е инволвиран. Нема што да се плашиме од „Рекет“. Истрагата ќе покаже кој е инволвиран. Секој што е инволвиран треба да одговара, дециден е премиерот.

За барањето на опозицијата да се одржат предвремени избори, Заев повтори дека на земјава треба да и се даде шанса да ги почувствува придобивките од она што власта досега го направи.

Доста беа предвремени избори. Ги донесовме најхрабрите одлуки, ги решивме пробелмите со соседите, го чекаме членството во ЕУ и НАТО, да ги дочекаме ефектите и придобивките од овие процеси, истакна премиерот Зоран Заев.