Претседателот на Собранието Талат Џафери за утре во 13 часот ја закажа собраниската седница на која единствена точка е разрешувањето на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

На 5 септември Комисијата за избори и именувања зад затворена врата едногласно и без дебата донесе заклучок да му предложи на Собранието да ја разреши специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е осомничена за случајот „Рекет“. Одлуката беше донесена врз основа на извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на Јанева поради нестручно, незаконско и несовесно работење.

На пленарната седница нема да се расправа за извештајот на Советот на ЈО туку само за предлогот за разрешување. Одлуката се носи со двотретинско мнозинство и со т.н. бадентерово гласање, а на крајот треба да ја потврди и Советот на обвинители.

Во материјалите поставени на веб-страницата на Собранието, а во врска со разрешувањето на Јанева, покрај заклучокот на Комисијата по кој пратениците треба да расправаат, се поставени и согласност од четирите политички партии со најголем број пратеници СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијанса на Албанците.

Јанева во моментов е во притвор како третоосомничена во случајот Рекет.