Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска објави статус на неговиот профил на Фејсбук, на кој изразува задоволство од денешната ратификација на Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО од страна на шпанскиот Сенат.
-Испишавме историја! Во овие денови кога сите се бориме со заканата од коронавирусот, добри вести стигнаа од Мадрид. Шпанскиот сенат пред малку го ратификуваше Протоколот за пристапување на РС Македонија во НАТО. Со ова, сите 29 земји членки го ратификуваа Протоколот, С. Македонија и официјално станува 30-та земја членка на најголемиот и најважен воено-безбедносен сојуз во светот, напиша Заев.
Во статусот тој истакна дека нашето знаме ќе се вее пред седиштето на НАТО, седнуваме на иста маса со развиенот западен свет, нашиот глас ќе биде рамноправен со гласовите на најмоќните држави.
-Членството во НАТО значи безбедност, сигурни граници, но и подобар животен стандард. Една од двете стратешки цели на генерации наши граѓани е остварена, затоа ќе продолжиме уште попосветено и помотивирано во остварување и на другата стратешка цел – прво преговори, па членство во ЕУ. Солидарноста и заедништвото се најсилното оружје од справување со било каква опасност. Здравјето пред сѐ, ќе се издигнеме уште повеќе и ќе успееме уште повеќе!, истакна Заев.