Одржувањето на изборите на 12 април е затворено прашање и сите партии се согласни со датумот, вели Зоран Заев во интервју за Дојче Веле на македонски јазик.

– Преодната влада треба да се формира на 3 јануари и од тоа не треба да има никакви отстапки. Изборите на 12-ти април треба да ги гледаме како затворено прашање, сите партии се согласни со датумот. На предлозите на опозицијата за министри и дополнителни заменици министри треба да се гледа на едноставен и прагматичен начин, нагласува Заев.

Во врска со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ министер за внатрешни работи во техничката влада да биде воено лице, Заев вели дека се појавува дилемата околу уставноста на ваквиот предлог, бидејќи Уставот експлицитно бара за министер да се назначи цивилно лице.

– Ќе продолжат разговорите со опозицијата, верувам дека оваа дилема брзо ќе се расчисти. Ги слушаме експертите, целата јавност веќе зборува за тоа. Ако е очигледно дека ова предложено решение не може да помине заради тоа што Уставот тоа не го дозволува, сигурен сум дека опозицијата нема да си дозволи да инсистира на кршење на Уставот и дека ќе може брзо да предложи друг кандидат околу кој би се согласиле, порача Заев.