Капиталните инвестиции одат задоволително и се двојно поголеми од минатата година, оцени денеска премиерот Зоран Заев, кој присуствуваше на прославата на Денот на рударите во радовишки Бучим.
– Крајот на септември, пред да почнеме во четвртиот квартал, бројките ќе бидат јасно видливи, заради тоа што гасификацијата оди со одлично темпо, преку 70 посто. Слушнавте министерот за транспорт и врски од Националните енергетски ресурси бараат дополнителни пари за капитални инвестиции. Патиштата во државата се градат, како никогаш досега. За една година се започнати и ќе завршат повеќе од 500 километри патишта ширум државата. Железницата го зголеми својот интензитет на градба, изјави Заев.
Тој додаде дека во делот на одбраната некаде во октомври и ноември ќе ги реализира своите средства за дел од интероперабилноста на армијата и набавка на оклопните возила.
Премиерот Заев потенцира дека министерствата за внатрешни работи и за здравство имаат одлична реализација на буџетските средства, додека Министерството за образование, подвлече, може да има подобра реализација. Најави дека кратење на средства ќе има најмногу на непродуктивни трошоци.
Прашан дали Владата не треба да остави повеќе на еснафските здруженија да се изборат против лажните вести, Заев со одговор дека две години и два месеци се оставени да ги решат овие проблеми. Смета дека токму тие треба да ги донесат решенијата во делот на законската регулатива, стандардите, порталите и медиумите.
– Треба да го има критичкото новинарството, но лажните вести и манипулациите ви штетат и на вас како фела, штетат на медиумите и на државата, рече меѓу другото Заев.
Тој истакна дека лажните вести штетат и на односите меѓу државите, но и уништуваат цели семејства и поединци. Поборник е за критичко новинарство, кое е во интерес на јавноста, но не и на лажните вести.