Македонија не може и не смее да чека понатаму на европскиот пат и треба час поскоро да ги почне претпристапните преговори со ЕУ,  заклучија  премиерот Зоран Заев и неговиот грчки колега Киријакос Мицотакис на средбата одржана вчера во Владата во Атина.

Грчкиот премиер Мицотакис, како што соопштија од Владата, му посочил на премиерот Заев дека Грција секогаш ќе биде сојузник на кој граѓаните на Република Македонија можат да сметаат. Дополнително било подвлечено дека не е опција да се раздвојуваат Македонија и Албанија од аспект на почнувањето на процесот на преговори со ЕУ.

Двајцата заклучиле и дека Договорот од Преспа донесе решенија кои значат пријателство, прогрес и економија. Тие констатирале напредок во досегашното спроведување на обврските од Договорот од Преспа од двете страни и изразиле посветеност за целосна и непречена натамошна имплементација.

Заев за време на неговото учество на шестиот Делфи економски форум во Атина изрази оптимизам за надминување на разликите со Бугарија и побара поддршка од Грција за решение за спорот.

-Мислам дека ќе најдеме решение со Бугарија, ни треба помош од Грција, која сега веќе е наш стратешки партнер. Грција е многу гласна на Европскиот совет преку премиерот Мицотакис, преку министерот Дендиас, тие се многу фокусирани и лидери на процесот за интеграција на Западен Балкан во Европската Унија, истакна Заев, јави дописничката на МИА од Атина.

Објасни дека процесот е малку забавен поради изборите во Бугарија, но и истакна дека станува збор за смешен проблем, кој дури не може ни да го објасни.

-Ние продолжуваме да разговараме со нив, ние сме пријатели со сите. Бугарија го измисли ова прашање. Дури, не ни можам да ви објаснам што е проблемот сега, бидејќи е смешен проблем, непостоечки проблем. Ни треба да најдеме решение бидејќи тоа е добивка и за Бугарите и за Македонците од С. Македонија и само придобивки би донело на сите, нагласи премиерот Заев.

Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендиас на тет-а-тет средба вчера на маргините на Делфи форумот со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, истакна дека Грција е цврсто посветена на европската иднина на регионот и дека посакува одржување на меѓувладини конференции, како прв чекор во пристапните преговори, и со Македонија и со соседна Албанија.

Европа мора да ги одржи ветувањата и не треба да има доцнење во пристапниот процес за Македонија и Албанија, порача и алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милитиадис Варвициотис од Делфи Форумот во Атина и истакна дека тие не се согласуваат со евентуално одвојување на Скопје и Тирана на патот кон ЕУ.

-Важно е процесот да почне веднаш за сите земји кандидати. Ние не сме расположени да прифатиме никакво одвојување меѓу С. Македонија и Албанија, ова го гледаме како катастрофален пристап за регионалната стабилност, порача алтернативниот шеф на грчката дипломатија, говорејќи на панел дискусија заедно со вицепремиерот Никола Димитров и кипарскиот министер за надворешни работи Никос Христодулидис

Димитров на панелот порача дека сега е време Европа да го исполни ветувањето од март за почеток на европскиот процес за Македонија и Албанија. Тој истакна дека влогот на Унијата треба да биде јасен дека „нашиот успех ќе биде успех за сите, за ЕУ, ќе биде успех за регионот за Западен Балкан и ќе биде успех за сите соседи, за Грција, а исто така и за Бугарија“.

-Мислам дека она што се случува со нас дали Европа ќе го одржи ветувањето, ќе биде порака за останатите во регионот, истакна Димитров.

Поддршка за европската перспектива на Македонија и надеж дека во следните седмици ќе има добри вести, на панелот изрази и шефот на кипарската дипломатија Христодулидис.

-Можеби сме мала земја-членка но на крајот на денот имаме глас исто како и Германија, Франција и поголемите земји-членки на Европската Унија и секако се брои гласот на Кипар. Јас сум многу загрижен дека како Европска Унија го губиме кредибилитетот на Балканот, зборуваме за геополитичка Европска Унија, но споредено со другите геополитички актери, гледаме дека ја губиме играта. Затоа се надевам дека во следните седмици ќе биде можно да имаме позитивни вести во однос на Северна Македонија, но и општо за регионот, рече Христодулидис.

Поддршка за евроинтеграциите на земјата стигна и од  Доналд Туск, претседател на Европската народна партија и поранешен претседател на Европскиот совет. Туск на Заев на средбата во Атина, на која присуствувал и вицепремиерот Димитров, уште еднаш му потврдил дека тој и Европската народна партија остануваат да бидат посветен пријател и поддржувач на европската перспектива на Македонија и дека ќе бидат вложени дополнителни напори за поддршка на земјата со цел што е можно поскоро отпочнување на процесот на преговорите.

Поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон за време на неговото учество на конференцијата на Атлантскиот клуб во Софија побара од бугарските власти да ја укинат блокадата на Македонија кон Европската Унија. Робертсон потсети дека во времето по приемот на Бугарија во НАТО и ЕУ, луѓето очекуваа членството во овие организации да помогне во запирање на насилството во регионот. Затоа, според него, македонското вето на ЕУ треба да биде укинато.

Во организација на шефовите на дипломатиите на Грција и Романија, Никос  Дендиас и Богдан Ауреску, вчера и министерот за надворешни работи, Бујар Османи и министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Олта Џачка реферираа за европското досие пред министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ во пресрет на состаноците на Советот за општи работи во јуни.

Османи порача дека Македонија заслужи да се движи напред на европскиот пат, а Eвропскиот Совет во јуни конечно да ја материјализира одлуката за почеток на преговорите од март минатата година, преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција.