Банка за храна Македонија денеска ја започнува акцијата насловена, #СтоимеЗаедно! #WeStandTogether! #Qëndrojmësëbashku!, во рамки на која ќе бидат подготвени пакети за помош и поддршка на 1.620 семејства во 20 општини со што ќе биде заокружена реализацијата на повеќегодишниот проект „ВСС Ефект“ финансиран од ЕУ.

Според организаторите, учество и помош во акцијата, која велат е најголема досега, најавиле високи претставници од Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Цивика мобилиатс и ЦБФ Македонија кои се поддржувачи на акцијата.

-Кога светот сеуште е исправен пред проблемот со Ковид-19 пандемијата, кога секој ден сме сведоци на голем број заболени и голем број починати, но и на огромен број граѓани кои ги губат своите работни места, а со тоа и така скромната егзистенција станува уште по скромна. Благодарејќи на поддршката на Европската Унија која повеќе од три години ја дава на Банката за храна МК преку проектот ВСС Ефект, дојдовме до последните денови и привршување на овој огромен проект и поддршка која ќе ја одбележиме со огромна Национална Акција со наслов #СтоимеЗаедно – #WeStandTogether – #Qëndrojmësëbashku , стои во соопштението.

Целта на ВСС Ефект поддржан од Европска Унија е да поттикне подобрување на правната и институционалната рамка во државата, која ќе овозможи соодветна превенција на фрлањето храна. В-С-С е дизајниран со намера да создаде адекватна средина, која ќе стимулира отворена дебата помеѓу граѓанските организации и различните заинтересирани и засегнати страни и ќе инспирира заедничка акција за превенција и намалување на фрлањето на храна и на гладот. Неговата мисија е да создаде подобар пристап до здрава и безбедна храна за сите.

Акцијата ќе започне во просториите на Логистичкиот центар на Тинекс – м. в. Чојлија (во близина на Скопскиот Меѓународен Аеродром – https://goo.gl/maps/9rdjkqeoceSPHde17 ) каде од денеска до крајот на месецов ќе бидат подготовени и дистрибуирани 1620 пакети, 6.480 заштитни маски и 1.620 дезинфекциони средства за 1620 семејства.