Бившиот премиер и актуелен лидерна СДСМ, Зоран Заев реагира на изјавата на Бојан Јовановски – Боки 13, кој по објавата на пресудата за “Рекет”, на судот му порача дека парите кои биле рекетирани да ги бараат кај Зоран и Вице Заев.
– Денешната пресуда за овој случај е потврда дека правдата функционира независно за кого станува збор.
Заврши времето кога политичари се јавуваа во правосудството за да заштитат прекршители на законот. И покрај тоа што сите докази за случајот познат во јавноста како Рекет и се добро познати на јавноста, сепак Бојан Јовановски вака јавно да лаже е од единствена причина, според мене, што токму јас го пријавив овој случај и секако ги одбив сите барања од него преку посредници за да му помогнам во судскиот процес, изјави Заев за “Фокус”.
Тој додава дека продолжува да се бори за правдата.
– Јас се борев и продолжувам да се борам за владеење на правото. Јас се борев и продолжувам да се борам законот да важи еднакво за сите, непристрасно да одлучува правосудството без разлика за кој се работи и секој што се огрешил пред законот да си одговара. Истовремено сите закани за некаква моја комуникација со Бојан Јовановски кои ги достави до највисокото раководство на ВМРО ДПМНЕ токму неговиот адвокат, преку посредници, очекувам да се објават и уште еднаш да види јавноста која е вистината, дека мојата и определбата на СДСМ за правна држава се без компромисни и никакви закани или вакви лажни изјави нема да не одвратат од определбата за одговорност на секој кој се огрешил пред законите, вели Заев.
Како што е познато, Боки 13 во минатото беше близок до актуелната власт и со семејството Заеви, што може да се види и на повеќе фотографии на кои е фотографиран со членови на семејството и партиски и државни функционери на владејачката партија.