Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека дел од објавените разговори во изминативе денови што ги слушнал се дел од пакетот материјали што ги предал во СЈО и оти е важно што МВР и Обвинителството постапуваат по нив согласно своите надлежности.
-Од министерот за внатрешни работи сум информиран дека тие ги превземаат сите дејствија и мерки согласно законот. Тие постапуваат, очекувам одлуки од Јавното обвинителство. Знам дека пред недела, две, исто така, имаше емитување на бомби што задираат и во приватноста и е поднесена соодветна кривична пријава од страна на Јавното обвинителство. Ако се повторуваат ваквите работи законот е јасен околу ова како постапуваат институциите. За мене е значајно институциите да постапуваат. Дали се тоа дел од разговорите, тоа што го имав слушнато, а ги немам слушнато сите разговори, малку ми стана и мачно после долго време, е од делот на пакетот што го предадов во СЈО, што секако само потврдува дека ние сме добиле само дел од тоа што на времето се правело како неовластено прислушкување, и го имало на други страни. Но, добро е што има закони и се надевам дека институциите на системот ќе постапуваат строго по законите, рече Заев на новинарско прашање дали тие шест разговори се дел од бомбите што тој ги добил, дали МВР спроведува истрага, кој ги пуштил и каде, колку такви снимени разговори некој поседува и дали може да бидат злоупотребени.
Во врска со разговорите со опозицијата за законот за јавно обвинителство, нагласи дека работните групи работат и дека денеска добил извештај од министерката за правда дека се прават напори веќе за следен состанок.
-Работат на материјали околу правни формулации за одредени членови што верувам дека ќе не доближат заедно. Нашата намера како Влада е овој закон, што е многу важен за правосудниот систем во РСМ, а посебно за воспоставување на добра иднина на јавнообвинителскиот систем во нашата земја, е важно да го донесеме со консензус. Правиме напори до последниот рок, додека имаме време, односно додека ЕУ не го затвори извештајот, а тоа е рокот што си го дадовме, да се обидеме по пат на консензус навистина да најдеме решение на ова не така лесно чувствително прашање како е Законот за Јавно обвинителство, рече Заев на новинарско прашање до каде се преговорите за овој закон и дали е можен договор до среда кога е закажана собраниска седница по денешната посета на Општина Шуто Оризари.