Смешен е проблемот со Бугарија, тие кажуваат дека ја прифаќаат реалноста за македонскиот идентитет и јазик, ама бараат да ги видат корењата, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
Тој притоа се повика и на Дарвиновата теорија и на Библијата:
– Со Бојко Борисов кога сум разговарал и ќе ме праша како го сфаќате вие тоа со корењата, јас му одговорив дека според науката сите сме настанати од мајмуните, а според религијата сите сме од Адам и Ева. И како тоа само Македонците да се од Бугарите или обратно во цел свет, изјави Заев во денешното гостување на Утрински брифинг.
Тој додаде дека комисијата за историја треба да ги разработи сите можни аспекти и „за сите историски ликови да се најде решение за тие да не прават пријатели, а не да не делат“.
– Не се откажувам бидејќи ЕУ нема алтернатива. Ние продолжуваме да се европеизираме дома, но не е исто сами да се европезирате и низ процесот на преговори, низ поглавјата, рече Заев.