Генералниот секретар Љупчо Николовски е избран за шеф на Изборниот штаб на вечерашната 12 седница на Централниот одбор на СДСМ, на која лидерот Зоран Заев истакна дека „се фаворити на претстојните избори“.
Во пресрет на изборите на 12 април идната година Заев рече дека СДСМ е фаворит согласно анкетите, но и теренските активности на партијата.
-Го засиливме присуството на терен, меѓу граѓаните. Само во летниот период одржавме над 600 маалски и урбани средби, во тек се трибините кои граѓаните силно ги поддржуваат. Имаме што да кажеме затоа што имаме сработено многу во сите сегменти. Даваме отчет пред граѓаните за сработеното но и креираме нови политика. Масовноста на овие трибини и настани на СДСМ како и сите релевантни анкети потврдуваат, СДСМ е фаворит на изборите кои ќе се одржат на 12 април, рече Заев пред членовите на ЦО.
На негов предлог, Централниот одбор едногласно го избра Љупчо Николовски за шеф на изборниот штаб на СДСМ.
Николовски во обраќањето пред членовите на ЦО рече дека СДСМ како „најголема, најсилна и најорганизирана партија ја води државата по прав пат и нема да дозволи деструктивните сили предводени од ВМРО-ДПМНЕ да ја вратат назад, во неизвесност, изолација и нестабилност“.
Централниот одбор на СДСМ ја задолжи заменик претседателката на партијата, Радмила Шекеринска да ги координира активностите за новата изборна програма на партијата, за изборите на 12 април идната година.