Северна Македонија за кратко време стана модел, пример како се решаваат дури и најтешките билатерални прашања и затоа Европа треба да возврати и да ја награди нашата земја, истакна премиерот Зоран Заев на средбата со поранешниот претседател на Република Австрија, Хајнц Фишер во Виена.
Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Заев го информирал Фишер за последните политички случувања во земјата, односно за успешно спроведените претседателски избори, како и текот на реформите во неколку клучни области.
-Истовремено, на средбата беше потврдена поддршката која Република Австрија во континуитет и ја дава на нашата држава на нејзиниот пат кон интеграцијата во Европската Унија. И таа поддршка нема да изостане сe додека Северна Македонија не стане полноправна членка на ЕУ, се истакнува во соопштението.
Премиерот Заев придружуван од вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за финансии, Драган Тевдовски и министерот за образование и наука, Арбер Адеми, утре ќе присуствуваат на Виенскиот економски форум, Виенски економски разговори – нови перспективи за Република Северна Македонија.