РС Македонија силно ја поддржува иницијативата 16+1,која има огромен потенцијал за да ги унапредиме нашите партнерства, но и да креираме нов економски и бизнис потенцијал, порача премиерот Зоран Заев на пленарната сесија на Осмиот Самит на шефови на влади од ЦИЕ и НР Кина, што се одржува во Дубровник.
– Соработката на НР Кина со земјите од ЦИЕ е одлична платформа и дополнителен канал за комуникација и соработка на нашата земја со НР Кина во повеќе различни сектори. РС Македонија го финализира своето членство во НАТО оваа година и сме фокусирани на отворањето на преговорите со Европската Унија и во тој правец иницијативата 16+1 е комплементарна со овие наши напори, истакна премиерот Заев во своето обраќање.
Нагласи дека нашата земја има бенефит од зајакнувањето на билатералните односи со НР Кина и во тој правец посочи на двата инфраструктурни проекта што произлегуваат како резултат на иницијативата 16+1, изградбата на автопатот Кичево – Охрид, а наскоро и официјалното пуштање во употреба на автопатот Миладиновци – Штип што се наоѓа во финална фаза на изградба.
Соопшти дека од 19-ти до 21-ви ноември оваа година во организација на Министерството за култура и Координативниот центар за културна соработка помеѓу земјите од ЦИЕ и НР Кина ќе се одржи „Четвртиот форум за културна соработка помеѓу земјите од ЦИЕ и НР Кина“.
Во таа насока, додаде, Координативниот центар за културна соработка лансираше веб платформа што ќе користи за комуникација и координација на институциите од културата на 17-те земји и треба да обезбеди компатибилност и комуникација помеѓу софтверските програми на националните културни установи, односно тоа е алатка за директна комуникација и размена на информации помеѓу нив.
На крајот од своето обраќање премиерот Заев посака добредојде на нашата пријателска соседна земја Грција која се приклучува кон иницијативата и станува седумнаесетта земја членка на процесот од соработка на НР Кина со земјите од ЦИЕ.
-На Западен Балкан му претстои долг пат на кој треба да работиме за унапредување на патната и железничката инфраструктура, на енергетска трансформација кон поголема употреба на обновливи извори на енергија и смарт дигитални технологии, области во кои Кина многу брзо напредуваше. Силно сум уверен дека денешниот Самит ќе обезбеди солидна платформа за зајакнување на нашата соработка, а посебно нашите економски врски земајќи го предвид фактот дека НР Кина ја шири економската соработка со земјите од регионот, посочи премиерот Заев на крајот од своето обраќање на пленарната сесија на шефови на влади на земјите од ЦИЕ и НР Кина.
Според агендата, премиерот Заев и владината делегација во која се вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и министерот за култура, Асаф Адеми, ќе има билатерална средба со премиерот на Кина, Ли Кечијанг и кинеска владина делегација.
Во Дубровник, претставници на владите на Македонија и на НР Кина ќе потпишат Акциски план за соработка во земјоделството.
На маргините на Самитот на шефови на влади на земјите од Централна и Источна Европа и Народна Република Кина од Процесот 16+1 се предвидени и повеќе билатерални средби.
Премиерот Заев се сретна со премиерот на Чешка Андреј Бабеш, а ќе има и заедничка средба со премиерите на Грција и на Хрватска, Алексис Ципрас и Андреј Пленковиќ.