Не само Бугарите, туку и Египќаните, Австријците, Романците и други кои и да ги имаме од помалубројните етнички заедници ќе ги ставиме во Уставот, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
Тој, коментирајќи ја изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи, дека сме „спремни да ги внесеме Бугарите во Уставот ако треба“, рече дека има подготвеност да се внесат во Уставот, не само Бугарите, туку и останатите етнички заедници.
-Пред влезот во ЕУ, мора да го отвориме Уставот. Една од причините се помалубројните заeдници кои живеат тука и треба да се внесат. Подготвени сме не само за Бугарите, туку и за Хрватите, Торбешите, Египќаните, Австријците, Романците и други кои и да ги имаме од помалубројните етнички заедници. Ние сме отворено општество, европска земја и ќе го следиме примерот на европските земји, рече Заев на денешната прес-конференција на која ја претстави новата владина агенда „Европа дома“.
За промена на Уставот е потребно двотретинско мнозинство во Собранието.