Секаде каде што има содржини кои навредуваат, повредуваат или не се соодветни, треба да ги отстраниме и ќе ги отстрануваме, рече премиерот Зоран Заев во врска со учебникот Географија за втора година средно образование кој ќе биде повлечен по реакциите дека има содржини навредливи за Албанците.
-Добив информација од Министерството за образование и наука за промена на учебниците што се подготвува за следната учебна година, ќе биде променет и учебникот по Географија, кој постои од 2002 или 2006, но проблемот првпат е увиден во 2018 година и доаѓа за промена токму сега, рече Заев, одговарајќи на новинарски прашања.
Министерката за образование и наука Мила Царовска и нејзиниот претходник Арбер Адеми, вчера на работен состанок со првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби разговарале за концептот на реформи во образованието и за Законот за учебници за основно и средно образование.
Како што информираше Кабинетот на Груби, тие се согласиле дека според Законот за учебници, сите неправилности и неправди во сите учебници треба да бидат прегледани и исправени, почнувајќи веднаш од овој учебник по географија. Кај него, како и со другите учебници, ќе се примени членот 26 став 2 од Законот за учебници, според кој „учебниците се повлекуваат од употреба доколку содржат материјали што ја навредуваат историјата, културата и вредностите на сите граѓани на РС Македонија“.
Повлекување од наставата на учебникот Географија на Република Македонија за втора година – реформирана гимназија со допис до МОН побарал Младинскиот форум на Алијанса за Албанците. Во писмото било наведено дека делови во учебникот се навредливи кон културата, историјата и другите вредности на Албанците во земјава, дека се ксенофобични и придонесуваат за стигматизација и охрабрување на говорот на омраза кон Албанците.