Народите на Западен Балкан очекуваат декларациите на ЕУ да се преточат во дела и ако ЕУ не дејствува, разочарувањата кај народите од регионот ќе бидат непоправливи и на огромна штета на големата европска идеја за заедништво и соработка.
Ова го истакна денеска премиерот Зоран Заев на заедничка средба со првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, словенечкиот премиер Јанез Јанша и бугарскиот претседател Румен Радев, пред почетокот на Самитот на ЕУ за Западен Балкан што се одржува во Брдо кај Крањ.
Како што соопшти владината Прес-слуќба, на средбата беше потенцирана важноста на проширувањето на ЕУ со земјите на Западен Балкан и беше поздравено тоа што за Брисел и натаму проширувањето на Унијата со земјите од регионот останува стратешки приоритет, што се очекува да биде нотирано и во денешната декларација од Самитот.
Од Владата информираа дека Заев денеска ќе има заедничка работна средба и со Радев, францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел. Премиерот посебна билатерална средба ќе има со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна политика и беззедност, Жозеп Борел. На маргините на Самитот премиерот Заев ќе има билатерални средби и со неговите колеги од Естонија и Ирска, Каја Калас и Мајкл Марти.
Премиерот Заев за предводи делегацијата на Македонија на Самитот во Брдо кај Крањ, во која, како што јави известувачот на МИА, се и вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи.