Незаконски спроведена постапка, која Централниот регистер треба да ја коригира веднаш, бидејќи не постои одлука на Советот на општина Чаир, рече денеска лидерот на СДСМ Зоран Заев за преименувањето на две училишта во општина Чаир.
Адеми вчера на Фејсбук објави дека се променети имињата на две училишта во Чаир – „Никола Вапцаров“, кое сега се вика „Исмаил Ќемали“ и „Рајко Жинзифов“ кое сега е „Имри Елези“. Тој во постот напиша дека ги потпишал потребните акти со што конечно завршило прашањето за именувањата на училиштата во Чаир.
-Со записник на некој си училишен одбор надвор од законските прописи е спроведена одлуката и доставени се материјалите. Ги повикувам институциите да постапат по закон. Законодавецот предвидел како се менува назив на училиште и тоа го одлучуваат граѓаните преку своите претставници, рече Заев денеска на прес-конференција во седиштето на партијата, одговарајќи на новинарско прашање за преименувањето на училиштата.
-Ги видов аргументациите во јавноста, кои се доволни за сериозна дебата. Немаме намера да отвораме рани на какви било национализми. Ние сме демократска земја, каде владее правото и граѓаните имаат еднакви права и обврски, рече Заев.