Со вкупен буџет од 3,2 милиони евра  обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош – ИПА 2 на Европската унија, Владата започнува со реализација на проекти за домување на Ромите со кои се очекува да се подобрат условите за живеење на овие граѓани.

Проектите ќе бидат реализирани во следните три години во Прилеп, Битола, Штип, Берово и Кичево. Со нив ќе се опфати легализација на ромските домови, ќе се подобри инфраструктурата во ромските населби, ќе се изградат нови живеалишта за Ромите, но исто така проектите вклучуваат и вработување на младите Роми и поддршка на учениците Роми со туторство.

Планирано е да се легализираат куќите на 700 ромски домаќинства во Прилеп, имотите на 5.000 Роми во Битола, 1.027 куќи во Штип и 40 куќи во Берово.

–  Проектот опфаќа и изградба на нови живеалишта – 50 куќи во Штип, 30 станови во Кичево, а истовремено ќе има реконструкција на 50 куќи во Прилеп и 15 куќи во Берово, истакна министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на денешната прес-конференција во Владата на која имаше воведно обраќање заедно со премиерот Зоран Заев и евроамбасадорот Дејвид Гир.

Условите во кои живеат Ромите најчесто се полоши од условите во кои живеат останатите граѓани. Често тие живеат во населби кои се со нерешен статус и без основна инфраструктура.

Како што посочи пратеничката Љатифе Шиковска, повеќе од 50 проценти од семејствата живеат со уште едно семејство заедно во простор од два до пет метри квадратни, а половина немаат услови за лична хигиена и вода во своите домови.

Проектите се реализираат благодарение на иницијативата за интеграција на Ромите 2020, во рамки на која на предлог на Македонија во Полска 2019 година беше усвоена декларација на земјите од Западен Балкан за интеграција на Ромите во процесот за проширување со ЕУ. 

– Со оваа декларација нашата земја ги поттика лидерите од  регионот да ја прифатат потребата за заедничка заложба за интегрирање на ромската популација, како едно од најранливите групи во општествата во овој наш регион. Благодарение на оваа декларација и на иницијативата „Интеграција на Ромите 2020“ дојдовме до стартот на реализација на проектите што денес ги објавуваме во делот на домување и во делот на постигнување услови за легализирање на неформалните населби каде што живеат Ромите, истакна премиерот Зоран Заев.