Овие денови се очекува да стигнат првите две-три илјади вакцини од договорените 8.000 од српските вакцини од Фајзер коишто дефинитивно се усогласени и политички договорени. Идната недела се очекуваат првите информации за првите количини преку КОВАКС системот, а во февруари се очекуваат вакцините кои се договорени директно со компанијата „Фајзер“ изјави вечерва премиерот Зоран Заев.
-Европската Унија развива механизми како да час поскоро ни потврди и јас морам да изразам разбирање, како што сум давал и критики, за неисполнувањата на очекувањата на произведени количини од компанијата „Фајзер“, кога земјите кои требаа да добијат во просек 100 единици, добија 12-13 единици, во првиот турнус, во вториот исто така се намалени количините, рече премиерот Заев во емисијата „Трилинг“ објаснувајќи дека тоа е причината за неможноста европските земји да споделат вакцини со земјите од Западен Балкан како што беше замислено, односно пет проценти од добиените количини.
Темата за вакцините го окупира целиот свет не само нас, вели Заев, и дефинитивно имаме непријатно чувство заради тоа што целиот Западен Балкан заостанува, освен Србија којашто, вели, нема аспирации за НАТО и нормално повеќе е отворена кон источниот свет Кина и Русија и прави договори со нив.
-Ние сме нова членка на НАТО, генерално се држиме кон западниот свет и вакцините потврдени од тамошните здравствени институции, оцени премиерот Заев додавајќи дека централата на „Фајзер“ за Југоисточна Европа е во Белград и затоа српските граѓани добија одредена количина вакцини од оваа компанија.
Информирајќи дека е во постојан контакт со властите во Србија, претседателот на Владата Заев рече дека очекува првите 2-3.000 вакцини, од договорените 8.000 дози од српска страна, да стигнат во најскоро време, објаснувајќи дека тоа ќе се оствари откако ќе се добијат потребните одобренија од компанијата.
-Она што е точно и треба да го знаат граѓаните е дека првпат во секоја земја мора да влезе вакцината за да се регистрира, не може тоа порано да се направи, истакна премиерот Заев.
Тој додаде дека очекува секој ден да се добие одобрение од централата во Њујорк, „Фајзер“ да одобри српската Влада да ги достави вакцините и тоа на транши заради специфичниот транспорт.
Нашата земја, вели премиерот Заев, е целосно подготвена со обезбедени ладилници за вакцините и веќе е изграден системот за вакцинација, а први ќе ја примат медицинските работници од КОВИД болниците кои се 7.850, останатиот медицински персонал, хронично болните и возрасните луѓе.