Откако ги решивме сите големи политички прашања на нашата земја останува да го зголемиме економскиот стандард и главна задача е раст на платите, пензиите и капиталните инвестиции за подиректна осетлива благосостојба за сите граѓани во Република Северна Македонија, изјави премиерот Зоран Заев, откако денеска најави дека одреден период ќе раководи и со функцијата министер за финансии.
Прашан зошто се одлучил тој да раководи со функцијата министер за финансии, Заев рече дека тоа поради фактот што оваа година е прогласена за година на економијата.
– Влегуваме комплетно со сите свои перформанси. Тевдовски останува да работи околу мене, веројатно и како советник во тој дел. Следуваат храбри решенија и храбри одлуки, каде бенефит треба да имаат сите граѓани и во делот на социјалниот аспект и во делот на земјоделието и пензиите и платите. Кога веќе се решени сите големи политички прашања на нашата земја останува да го зголемиме економскиот стандард, изјави Заев.
Посочи дека наесен е можно да има ребаланс и случно, посочувајќи дека летово нема да се случуваат некои драматични работи на тоа поле.
– Важно е на 1 јули да почне проектот за поврат на ДДВ. Ние враќаме пари кај граѓаните и ова е добро. Дај боже на секој да вратиме што може повеќе. До 50 милиони евра ќе се враат кај граѓаните. Ако проектот успее бројките ќе растат и граѓаните ќе добиваат повеќе пари и тие пари ќе може да ги искористат за организирање на својот семеен стандард и живот, изјави Заев.
Најави дека главна задача е зголемување на платите, за што веќе имаат план и чекори, и дека од септември ќе има зголемување на платите во голем дел од јавната администрација, додека од 1 јануари очекува да се овозможи и раст на пензиите.
– Главна задача е порастот на платите, не само во делот на здравството и здравствените работници. Од септември и на голем дел и на целата јавна администрација се качуваат платите. Сакаме да направиме квантен скок на севкупното зголемување на платите. Овде ќе преземеме одредени чекори, кои треба дефинитивно да го направат квантното чекорење кон подобро и повисоко ниво на севкупните нето плати кои се земата во Република Северна Македонија, изјави Заев.
Изрази уверување дека до крајот на годината ќе достигнат перформанс и ќе имаат доволно финансии и капацитети за зголемување на пензиите од 1 јануари 2020 година.
– Секако капиталните инвестиции се многу значајни и тие отвораат работа. Сите тие механизми кои ги имаме на располагање треба да заокружат еден процес на подиректна осетлива благосостојба за сите граѓани во Република Северна Македонија, изјави Заев.