Министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија идната недела треба да се состанат со цел да го договорат терминот на одржување на втората меѓувладина конференција на која треба да биде усвоен Акцискиот план, најави вчера премиерот Зоран Заев.
Акцискиот план, односно секторскиот план за соработка со Бугарија е дефиниран од двете земји со размена на идеите меѓу двете земји. Заев изрази уверување дека негово усвојување и имплеметација ќе помогне во создавањето на севкупниот амбиент за решавањето на другите отворени прашања со Софија.
– Очекувам веројатно следната недела или многу брзо да се оствари средбата помеѓу нашиот министер Османи и министерката Захариева за да ја договорат првата меѓувладина конференција, заради тоа што овде немаме ништо спорно согласно Акцискиот план, односно секторскиот план за соработка кој што е дефиниран од нашите идеи и од бугарските кои што стигнаа до нас. Очекувам на таа средба да се дефинира терминот за втората Меѓувладината конференција, првата се одржа 2019, а потоа да бидат усвоени на Влада и да влеземе во ефикасно, брзо имплементирање на сите овие определби, затоа што се добри за македонскиот народ, за бугарскиот народ, за С. Макединија и за Бугарија и ќе бидат од помош во создавањето на севкупниот амбиент за решавањето на другите отворени прашања кои што верувам дека можеме да ги решиме час поскоро, рече Заев вчера одговарајќи на новинарско прашање на прес – конференција во Владата по потпишувањето на Договор за грант од германската КВФ банка наменет за обновливи извори на енергија.
Премиерот појасни дека Акцискиот план е дефиниран на секторско ниво, посебна е работата на Историско-образовната комисија, а посебни се политичките прашања за кои што разговараме со источниот сосед. Акцискиот, односно секторскиот план, треба да биде утврден на меѓувладината конференција предводена од Османи и Захариева. Штом ќе биде утврден, како што нагласи, ќе дојде како записник на владите на двете земји да го усвојат и веднаш ќе се стратува со негова операционализација.
Германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн, пак, истакна дека Германија и натаму останува посветена на отворање на пристапните преговори со Северна Македонија. Таа рече дека се водат разговори на високо ниво помеѓу германската Влада и сите вклучени страни во тесна соработка со португалското претседателство.
– Започнувањето на пристапните преговори меѓу ЕУ и С. Македонија беше во секторот на проширувањето една од нашите најважни цели во претседавањето на Германија. Ние можевме да дојдеме до спогодба со 26 земји, но 27 земји не дадоа согласност. Остануваме и понатаму на прашањето. Остануваат разговорите кои се водат на високо ниво помеѓу германската Влада и сите вклучени страни. Работиме секако тесно заедно со португалското претседателство, рече германската амбасадорка Холштајн на новинарско прашање на заедничка прес-конференција во Владата со премиерот Заев по потпишувањето на Договор за грант од германската КВФ банка наменет за обновливи извори на енергија.
Таа ги охрабри двете земји да работаат на заедничка агедна и да покажат соработка како вистински потег во правец на постигнување на консензус меѓу 27-те земји членки за отворање на пристапните преговори
– Ги охрабруваме С. Македонија и Бугарија во иднина заеднички да работат на можно, конкретно, широко позитивно поставување на агенда, која што за двете земји ќе покаже дека работат заеднички, дека практично оваа соработка ќе биде најдобриот начин да се направи чекор напред и да дојдеме до согласност на сите 27 земји членки за да можеме да ја одржиме првата конференција за пристапување. Јас сум убедена дека тоа ќе успее, како дипломат сум оптимист по природа, но исто така сум убедена дека ќе успее. Сите знаеме дека отворањето на првата конференција е многу повеќе од заслужено и е крајно време да се случи, рече германската амбасадорка Холштајн.
Акцискиот план е резултат на претходно разменетите идеи меѓу Скопје и Софија и содржи проекти од областа на образованието, културата, инфраструктурата, спортот со цел враќање на довербата меѓу двете земји и побрзо спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.
За европерспективата на Македонија и за билатералните релации на Скопје со Софија, но и со Белград, и вчера се огласи и бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.
Таа во интервју за софиски „24 часа“, кажа дека „Софија секогаш го поддржувала Скопје во најтешките моменти, и дека ќе продолжи и сега тоа да го прави“. Смета дека заострената реторика и емоциите треба смират, а на работите да се гледа прагматично.
– Не сакав да се водат толку многу преговори преку медиумите, тоа доведе до тешка реторика, бидејќи после е тешко да се одречат веќе кажаните зборови. Разбирам дека честопати се зборува за сопствената публика, но не е во ред во 21 век да победува на избори со кампања, против која и да било од твоите соседни земји. Не може да се продолжи вака, вели Захариева.
Според Захариева, сепак, не е тајна дека Белград има силно влијание во Скопје, и дека сигурно има тенденција да се приближи српскиот јазик, српскиот бизнис и институциите. Тренд, што според неа, не запира во последните 30 години.
Целта на Бугарија, вели Захариева, не е да ги расипе пријателските односи меѓу Скопје и Белград.
– Нека бидат пријатели. Ние само сакаме да имаат пријателски однос и со нас. Ајде сите да бидеме пријатели. Да бидеме поврзани, да градиме заедно. Не може да немаме железничка линија со РС Македонија. Не може да ставаат административни бариери за бугарските компании. Обидот да се претстави Бугарија како историски реваншист на 19 век е крајно неприфатлив, бидејќи нашите проблеми се реални. Најважно е да се смират емоциите и да гледаме прагматично, изјави Захариева.