Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска испрати честитка по повод Денот на независноста на Соединетите Американски Држави – 4 Јули.
Заев во честитката потсетува дека на 4 јули 1776 година, пред 244 години беше усвоена Декларацијата на независност на Соединетите Американски Држави. Денот на независноста, пишува Заев, е најголемиот празник на САД, а воедно е и одлична прилика за прослава на демократските вредности и идеали кои се темел на САД и кои се заедничка основа на нашето блиско пријателство и стратешко партнерство.
– Од нашата независност до денес, не сме имале поголем и попосветен партнер и поддржувач како што тоа биле САД. Секогаш биле со нас, и кога ни било тешко, давале помош и поддршка за заедно да ги надминеме премрежјата и проблемите со кои сме биле соочени. Секогаш биле и со нас кога сме постигнувале успеси и кога сме славеле, оти споделената радост со искрени пријатели е поголема радост, а споделениот успех е поголем успех, пишува лидерот на СДСМ.
Во честитката, меѓу другото, Заев изразува благодарност за помошта и поддршката од САД. – Благодарение на нивната помош и поддршка, за многу кратко време успеавме да ја вратиме демократијата во нашата држава, да ги зајакнеме нашите институции, да ја поставиме државата во вистинска насока и да ги реализираме нашите стратешки цели, пишува Заев.
-Денес, имаме постабилна држава, посилни институции, поразвиена економија, подобри односи со соседите, и сме полноправна членка на НАТО. Седиме на иста маса со нашите сојузници, рамо до рамо, со САД и со другите НАТО земји членки. Еднаков дел сме од големото транс-атлантско семејство на народи. Заради нашето партнерство и заедничка соработка со САД, нашите граѓани денес уживаат поголеми слободи и права, во постабилна, побезбедна и попросперитетна држава, стои во честитката.
Заев наведува дека секогаш искажувал благодарност за, како што пишува, срдечната, континуирана и двопартиска поддршка што „РС Македонија ја добивала од САД“, во сите мои средби и состаноци со конгресмени, сенатори и други претставници на САД, вклучително и во средбите со поранешниот потпретседател Џо Бајден, сегашниот потпретседател Мајк Пенс и претседателот Доналд Трамп.
-Остануваме посветени на натамошно унапредување на нашите односи, како традиционални партнери и сојузници во НАТО, се вели во честитката од Заев.