На трибината организирана под мотото „Силна економија – шанса за сите“ претседателот на СДСМ и на Владата Зоран Заев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска пред охриѓани говореа за сработеното, но и за се она што централната власт планира да го сработи во периодот што претстои, пред се во областа на стопанството, перспективи, напредок, развој.

Во првиот дел од обраќањето Заев говореше за политичките активности реализирани изминатиот период, притоа посочувајќи дека основата за неговите оптимистичките проекции за развојот на државата и општеството во целина произлегува од решавањето на отворените прашања со соседите, но и некои од внатрешните проблеми во државата што реално го блокираа нејзиниот развој и интеграциските процеси.

-Охрид е еклатантен пример, што, и по статистика, важи за град што се иселува и тој горчлив податок ни предизвика порив да се стори нешто за тоа да се спречи. Оттаму донесовме одлуки за храбри чекори, без разлика на политичка кариера… Во такви околности, поучени од 27-годишното минато, прекршивме. Втората причина беше отварањето на европските пазари како предуслов за раздвижување на економијата, а со тоа раст на платите, нови квалитетни работни места и современи трендови на подобрување на условите за живот на сите граѓани. И трета причина беа регионалните безбедносни околности со решавање на отворените прашања, да добиеме мир, стабилност и сигурност што не треба, рече меѓу другото Заев.

Со постигнатите решенија за крупните политички прашања, се создаваат услови за економска надеж за напредок, развој на државата, оцени тој.

-Минавме сензитивен процес, донесовме одлуки, верувам дека за неколку месеци бенифитите од таквите крупни политички одлуки ќе ги почувствуваат граѓаните, рече Заев нагласувајќи дека сега Македонија има пријател повеќе, во соседна Грција каде веќе се испорачуваат позитивни пораки, како што и доликува во 21 век, да се решаваат прашања со дијалог, договор, со почитување.

Претседателот на СДСМ истакна дека со неоспоруван, признаен македонски идентитет и јазик, се отвараат перспективите за средување на животот дома и над се економски анпредок за сите граѓани.

-Сакам да најавам време кога економските придобивки од отворените процеси треба да бидат фокусот на сите институции – владата, парламентот, општините, претседателот, па и на сите граѓани. Сега е време да ги засукаме ракавите и да сработиме, рече тој, притоа посочувајќи мерки за надминување на тромоста на администрацијата, зголемување на продуктивноста во земјата, конкурентноста на пазарот, намалување и до 60 отсто на казните за стопанските субјекти, враќање на парите кај граѓаните.

Како алатки за враќање на пари во семејствата, Заев посочи некои мерки како новиот Закон за социјална заштита и за социјална пензија, обврска на државата веднаш да понуди работа на најранливите категории, мерки за отпишување на застарените долгови за надомест на електрична енергија на 200 илјади семејства кон ЕВН од 110 милиони евра.

-Моделот на повраток на ДДВ ќе го тестираме во март, а од јули сакаме целосно да го спроведеме. Целта е од данокот што го плаќаме насекаде, 15 отсто од тие средства да се вратат кај граѓаните, средства од 100 до 150 милиони евра годишно, истакна Заев, притоа најавувајќи уште нови 17 странски инвестиции во вредност од над 150 милиони евра со отворање повеќе од 4.500 нови работни места, што според него ќе доведе до побарувачка на работна сила, а со тоа и раст на платите. Тука ги посочи и алоцираните повеќе од 70 милиони евра од буџетот годишно за поддршка на инвестициите во индустријата преку повеќето фондови и поддршка на стопанството.

На крајот уште ги посочи проектите насочени кон развој на Охрид и Струга од деблокирањето на општинските сметки, плановите за пренамена на поранешната касарна, проекти за подобрување на инфраструктурата, се до преземањето на грижата за Колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро од државата, што со аплауз беше поздравено од присутните во Центарот за култура.

За конкретните мерки за подобрување на условите за живот во Охрид и регионот се надоврза министерот Сугарески, притоа посочувајќи дека оваа година ќе биде интензивно економска, со старт на проекти чие отпочнување било условено од бројни недостатоци алоцирани од минатото.

-Над 1,2 милијарди евра ќе бидат искористени за сериозно подобрување на патната инфраструктура во земјата. Голем дел од нив е за охридско-струшкиот регион, од автопатот Охрид – Кичево, старт на реконструкција на транзитниот пат околу Охрид, патниот правец Подмоље – Радожда, од хотелот „Гранит“ до Пештани, патот од Подмоље до граничниот опремин „Ќафасан“, рече тој притоа наведувајќи уште бројни реконструкции на регионални и локални патишта, градски сообраќајници, проекти за реконструкција на канализациски, водоводни мрежи.

Како значајни активности за подобрување на локалната економија, Сугарески ги нагласи склучените договори за нови авионски линии од охридскиот аеродром, за кои истакна дека независни повторувањето на повикот, немало ниту една отстапка од предвидените критериуми.

Сугарески уште најави дека државата повторно ќе ги земе ингеренциите за стопанисување со плажите на Охридското Езеро преку Закон за градежно земјиште што наскоро ќе влезе во собраниска процедура, како и нова легислатива со реформи во делот на урбанистичкото планирање, секако и подобрување на мерките за заштита на Охрид и езерото како природни и културни вредности потврдени од УНЕСКО.