Најавите на опозицијата дека ќе почне со масовни протести низ земјава, според Зоран Заев, се показател дека таа е фрустрирана оти не е на власт.
Протестите, рече Заев, се нормална работа во слобода и во демократија, но јас како претседател на Владата и парламентарното мнозинство ќе направиме сѐ да не дозволиме да постојат аргументи за какви било протести и незадоволство на народот.
-Поривот што го гледам кај опозицијата е фрустрација зошто не се власт. Без да дадат време да се види колку ќе бидеме успешни се гледа една грозотија од фрустрација – зошто не се власт, рече премиерот Зоран Заев прашан да ги коментира најавите на опозицијата за организирање протести.
Тој верува дека до крајот на неделава ќе биде постигнат договор за замениците-министри во Владата, како и за претседатели и заменици на собраниските комисии. Проблеми вели, нема, туку само се води квалитетна дебата да се најде заеднички јазик на местата да се постават најквалитетните кадри кои се на располагање.
-Верувам дека до крајот на неделава ќе ги завршиме сите консултации и разговори со потенцијалните кандидати за заменици министри за да можам како мандатар, сега веќе како премиер, да ги доствам до Собранието за одлучување. Ова е процес во кој се водат разговори со партнерите, сакаме да го избереме најквалитетното од тоа што го имаме како понуда, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање пред средбата во ССМ.
Жалам, рече Заев, што доста квалитетни кадри не се нафааќат на функции поради тоа што имаат поголеми плати во приватниот сектор каде работат.
Премиерот додаде дека нема проблем ниту во распределбата на местата во собраниските комисии.
-Во Парламентот нема проблеми околу формирање на комисиите не повеќе отколку што имало секогаш при нивно формирање. Прво дебатата меѓу власта и опозицијата за распределба е јасна оти се знае колку места имаат едните, колку другите. Во моментов во владината коалиција гледаме како најодговорно да се постават кадрите од парламентот за максимални ефекти и ефикасност во работата, рече премиерот Заев.
Верувам, додаде тој, дека овие денови ќе се најде решение и тоа само врз основа на аргументи преку една квалитетна дебата која е во тек и дека од неа ќе излезат најдобрите решенија за претседатели и членови на собраниските комисии.