Сакам да истакнам порака до сите оние директори што прават отпор, да не прават отпор, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
Тој ваков одговор даде на новинарско прашање во врска со
директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, кој претходно изјави дека „по никаква цена нема да го потпише решението за примање на 35 „рамковно вработени“, бидејќи не се соодветни за неговата институција“.
– Сакам да истакнам порака до сите оние директори што прават отпор, да не прават отпор. Тоа се наши граѓани и секој има шанса чесно да ја работи својата работа. Испраќам порака пред се до директорот на Државниот пазарен инспекторат кој е доста гласен, треба да ги спроведеме одлуките или да кажеме зошто не се спроведуваат, а не да водиме јавна војна преку медиумите едни со други. Тоа не ни треба, ова е нешто што народот го очекува од нас, изјави Заев.
Тој очекува во наредниот период, за 15-20 дена да се најде решение за преостанатите 350 „рамковно вработени“ во јавната администрација кои со години не одат на работа, а земаат плата.
– Околу 750 веќе се распоредени, а околу 350-360 остануваат да се дораспределат заради правни формалности: постапка за засновање на работен однос, префрлување на соодветните финансии од една институција во друга. Верувам дека сите институции ќе ја спроведат, рече Заев.