Разговорите со Бугарија се успорија поради изборите во таа земја и верувам дека ние ќе најдеме решение, изјави Зоран Заев во разговорот со уредникот на Катимерини Атанасиос Елис, на економскиот форум Делфи. Тој рече дека очекува Грција како наш стратешки партнер да ни помогне на деблокирање на стартот на преговорите, иако рече дека не може да го дефинира проблемот со нашиот источен сосед.
„Бугарија го измисли ова прашање, јас дури не можам да објаснам што е проблемот сега, бидејќи е смешен проблем, проблем кој не постои. Ние треба да најдеме решение бидејќи е корисно и за Бугарија и за … Македонија и тој начин ќе ни донесе само корист. Верувам дека има решение бидејќи треба да направиме само еден чекор повеќе, а тоа е Меѓувладината конференција“, истакна Зоран Заев.
Географски ние припаѓаме во Европа, опкружени со земји членки на Европската Унија, а Комисијата повторувајќи постојано ни вели вие сте подготвени за пристапни преговори, рече вицепремиерот Никола Димитров говорејќи на економскиот форум, кој пристапните преговори на нашата земја со Унијата ја нарече сага. Потенцирајќи дека членството во Унијата е од големо значење и интерес и на земјите членки и институции во Брисел, рече дека Европа сега треба да го исполни ветувањето.
„Мислам дека она што се случува со нас, дали Европа ќе го одржи ветувањето, ќе биде порака за останатите во регионот. Нашиот успех ќе биде успех за Европската унија, ќе биде успех за регионот за Западен Балкан и ќе биде успех за сите наши соседи за Грција, но исто така и за Бугарија и за нашето пријателство со Бугарија“, вели Никола Димитров.
Грчкиот алтернативен шеф на дипломатијата Милтиадис Варвициотис порача дека Европа треба да го исполни ветувањето и процесот на преговорите треба да започне што е можно побрзо. Подвлече дека Грција не ги прифаќа евентуално одвојување на преговарачкиот пакет на Македонија и Албанија.
„Новиот процес на проширување за кој се согласивме минатата година, треба да биде кредибилен процес и треба да биде процес кој всушност ќе биде побрз од претходниот процес на проширување. Европа треба да ги исполни ветувањата и не треба да го одложува со било каква процедура“, посочи Милтиадис Вервициотис.
На маргините на форумот во Атина Заев се сретна и разговараше со поранешниот британски премиерот Тони Блер, на која покрај другото разговараа и за можностите за соработка и инвестиции со глобалната ИТ компанија Оракл.