Името Република Илинденска Македонија за севкупна употреба е прифатливо за премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, претседателот Ѓорге Иванов ќе се изјасни кога предлогот ќе го добие писмено, а за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски е неприфатливо било какво менување на Уставот за промена на името.
Тоа беше изјавено по завршувањето на лидерската средба, по која Заев се обрати до јавноста при што истакна дека „сме спремни да го прифати името Република Илинденска Македонија“. Тој потенцираше дека ова име би било за севкупна употреба.
– Владите на Република Македонија и на Грција разговараа за опција и за решение кое може да биде прифатливо за двете страни. Република Илинденска Македонија е името за кое е можен компромис со Грција. На англиски: Republic of Ilinden Macedonia. Спремни сме да прифатиме Република Илинденска Македонија. Верувам дека ова е решение на кое можеме да подадеме рака, истакна Заев.
Тој појасни дека со овој предлог се зајакнува темелот на државата.
– Илинден е нашата светла иднина, со ова име го зајакнуваме нашиот идентитет, а македонскиот Илинден е гаранција за мултиетничка Македонија, истакна Заев.
Тој појасни дека предлогот би одел на референдум, нешто што и грчката страна го прифаќала.
– Предложеното име ќе биде за севкупна употреба и за внатре и за во светот и за тоа ќе се исполнат сите неопходни промени и процедури. Кодовите „мк“ и „мкд“ ги задржуваме, јазикот и идентитетот ги задржуваме македонски, тврди Заев.
Шефот на државата Иванов бара на писмено да го добие она што досега е разговарано во преговорите со Грција, а потоа ќе се изнесе во однос на предлогот кој денеска го објави Заев како можно решение.
Не сакаше да изнесе ниту личен став како граѓанин на Македонија, а не како институција Претседател во однос на тоа дали предлогот е достоинствен и повтори ќе го бара предлогот на писмено.
– Првпат сме информирани за некои работи. Првпат ги слушнавме усно се пренесни и очекувам за сите предлози да добиеме писмен документ. На овој состанок не изградивме став, само ги добивме информациите. Очекуваме во иднина да не бидеме селективно информирани, туку целосно да имаме увид за да знаеме за кои прашања се разговара, рече Иванов.
Тој нагласи дека процесот мора да се води во рамка утврена од ОН.
– Кој било предмет треба да биде разгледан и од експерти од меѓународното право и меѓународни односи, затоа што во минатото видовме недоследност од грчка страна, додаде Иванов.
ВМРО-ДПМНЕ останува на својата позиција од претходно, а тоа е дека нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име, изјави лидерот на опозициската партија Мицкоски.
– Денеска за првпат бевме запознаени со предлогот, тој ќе биде претставен и презентиран пред органите на партијата и таа благовремено ќе ја инмформира јавноста, рече Мицкоски и додаде дека целокупниот процес бил воден во тајност и егзибиционистички.
Мицковски нагласи дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ останува непроменет во однос на измена на Уставот.
– А предлогот, кој го претстави Заев предвидува промена на Уставот, односно име за севкупна употреба, додаде Мицкоски.