Премиерот лепи политички етикети на медиумите, во зависност од тоа дали му се допаѓа прашањето или не, без разлика што новинарските прашања се од апсолутен јавeн интерес и како такви , заслужуваат да бидат поставени. Денеска на прашање на Алфа дали ќе си поднесе оставка ако датум за почеток на преговори нема во јуни, Заев со одговор:
–Кога се исполнети сите услови, кога блескаме во светот, кога држиме лекција во Европа, со европски манири, со европски вредности, со европски вредности и со европски начин на однесување, апсолутно не ни размислувам за оставка, па колку и да сакате да бидете опозициона телевизија, рече Заев.
Додека беше во опозиција, за Заев, најважно беше медиумите да се слободни и коректори на власта.
–Со промена на власта, СДСМ ќе им гарантира на новинарите слобода да истражуваат и информираат за сите случувања на државата, заштитени од било какви притисоци, велеше Заев, на 6 Февруари, 2016 година.
Во врска со датумот за старт на преговорите Заев во изјавата прво рече дека јуни е сигурен тајминг, ама потоа во текот на истата, веќе не зборуваше за јуни, ами за „оваа година“. За „оваа година“ завчера зборуваше и Шеќеринска. Инаку Хан всушност порача дека земјава најреално може да очекува препорака за подготвителна фаза во јуни, а не датум.
-Прво ќе имаме датум. Јас верувам дека оваа година, нашата земја ќе добие конкретен датум за преговори, и немам дилема околу тоа. Посебно, знаејќи дека остана уште еден закон низ политички дијалог да го договориме и не верувам дека причината за недонесување, не дај боже, на овој закон ќе биде на наша страна. Затоа што, транспарентно го изготвивме овој закон, додаде Заев .
Денеска премиерот отворено кажа дека немало време да се прешијат амблемите со името „Република Македонија“ на униформите на гардистисте, па затоа тие не биле дел од сценариото за пречекот на Ципрас. Ама името Македонија не било проблем што не беше интонирана химната, за неа немало време рече Заев. Вети дека нејзиниот текст нема да се менува, односно нема да се допре.
Искра Коровешовска, прилог на ТВ Алфа