Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска на граѓанската трибина „Најдоброто за мојата општина” во Општина Бутел зборуваше за економските параметри на државата и истакна дека македонската економија е стабилна и дека државата ќе ја продолжи економската агенда која креира нови работни места.
„Имаме повеќе од 40 странски инвестиции во државата, кои што отворија заедно со домашните повеќе од 70.000 нови работни места. Невработеноста од 25% на 15,9 падна. За време на пандемија продолжува да паѓа. Платите за време на пандемија растат, ретко каде во светот се случуваат вакви економски параметри. Вториот квартал го завршивме со 13,1 процент раст на бруто домашниот продукт и продолжува да расте бруто домашното производство. Имаме инвестиции по стотици милиони евра. Вчера ја објавивме 500 милиони евра, пола милијарда ветерници, 69 на кумановско- кривопаланечкиот регион.
Одиме до крајот на оваа година со објава на нови 200 мегавати ветерници и на нови повеќе од 1.000 мегавати фотонапонски централи во државата”, рече Заев во дел од неговото обраќање.
Во Гази Баба Заев порача:
– И еве вечерва од Гази Баба да ја испратиме и првата проценка за 17-ти октомври на изборите, нашиот политички противник ќе победи во првиот круг во 6 општини, ќе добијат 6 градоначалници, а коалицијата на чело со СДСМ ќе победи во првиот круг со најмалку 22 градоначалници, тоа е 3 и пол пати повеќе. Слушајте ми го зборот, добро сум упатен, добро информиран, 22 на 6 во првиот изборен круг, рече Заев.
Кандидатот за градоначалник на Гази Баба, Борис Георгиевски рече дека и покрај блокадите на ВМРО – ДПМНЕ, локалната власт реализирала повеќе од 200 проекти во изминатите четири години.
– Заедно со бизнис секторот отворивме нови 4.000 работни места, во 15 нови инвестиции. Изградивме 48 километри патишта, булевари, улици. 23 километри водоводна и канализациска мрежа. Изградивме 10.600 метри квадратни пешачки патеки и 3.100 метри велосипедски патеки. Засадивме нови 2.000 дрвја и подигнавме 9.000 метри квадратни јавно зеленило. Гази Баба ја наследив со долг од над 2 милиони евра и опасност од блокирање на сметката. Целосно заборавена општина, оставена во 19 век. Успеавме да ги вратиме долговите, да ја наполниме касата, за нови проекти, порача Георгиевски.
Потпретседателот на СДСМ, Оливер Спасовски во Горно Оризари го промовираше кандидатот за градоначалник за Велес на оваа партија. Спасовски рече дека во изминатите години во општините централната власт вложила повеќе од 500 милиони евра во проекти, а реализирани се повеќе од 7.000 проекти низ општините. Тој додаде дека се изградени и реконструирани 1.040 километри патишта, 60 градинки, од кои 40 во рурални средини, 60 полициски станици.