Премиерот Зоран Заев вели дека сите информации укажуваат на тоа оти Бугарија заедно со претседателските во ноември ќе има и нови трети парламентарни избори и се надева дека по нивното завршување ќе биде формирана нова бугарска Влада, со која ќе може да се разговара за да се најде решение и да се одблокира процесот на почеток на преговори на Македонија за членство во Европската унија.

Имајќи го тоа предвид, јас очекувам дека крајот на ноември, целиот декември можеме да ги заокружиме прашањата заради тоа што ние ги имаме адресирано сите прашања. Како што реков преку патоказот ги имаме сите адресирани коишто значат гаранции преку рокови и надлежни институции за зголемување на ефикасноста на реализацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.  Истовремено сме подготвени и тоа јавно го апелирам да стигне и до Бугарија да ги номинираме двете ноти дипломатски, а тоа е првата нота дека С. Македонија е исто како РС Македонија, се однесува на територијална суверена целина на државата РС Македонија, дека немаме територијални претензии према ниту една од соседните држави, вклучително и Бугарија и слично и да ги испратиме секаде каде што тоа е потребно, вклучително ЕУ, до Бугарија, до соседите, до ОН нема проблем со оваа работа, рече Заев во одговор на новинарско прашање по одбележувањето на реконструкцијата на Бит-пазар.

Второ е прашањето на дипломатската нота за немешање во внатрешните работи, вклучително и малцинските права.

-Како што реков во современа Европа, ние се сметаме за исти такви, Бугарија е членка на ЕУ, се решаваат пред судот во Стразбур и нема што ние да се мешаме или тие да се мешаат кај нас за одредени вакви прашања или слично. Наша цел е да водиме грижа овде како што водиме за сите етнички заедници, за сите малцинства коишто ги имаме во државата, вклучително и бугарското малцинство тоа го правиме и дефинитивно многу работи се унапредени, рече премиерот Заев.

Тој изрази уверување кога ќе се нормализира поприлично животот и ќе се надминат проблемите со пандемијата ќе може да се интензивираат и инфраструктурните капитални инвестиции.

Сето тоа, нагласи премиерот Заев, навистина создава и попозитивен амбиент пред се кај нас, но исто така еднакво и кај Бугарија за да можеме да продолжиме на нашиот пат кон Европската Унија.